Прв доказ дека и рептилите можат да учат преку имитација


Способноста да се стекнат нови вештини преку „вистинско имитирање“ на однесувањето на другите, се сметало дека е карактеристично само за човекот и напреднатите примати, како што е шимпанзото.

Научниците прават разлика помеѓу „имитација„ и „емулација“ кога ги проучуваат когнитивните способности на животните. При „имитацијата“, индивидуата што го копира однесувањето на другата индивидуа, не само што го имитира тоа што го гледа, туку и ја разбира намерата на самото дејство. При „емулацијата“, животното го копира само однесувањето без да го разбере неговото значење, како на пр. папагалот кој ги повторува зборовите на својот сопственик.

Научниците од Обединетото Кралство и Унгарија истражувале дали гуштерот „брадест змеј“ (Pogona vitticeps) е способен да имитира друг брадест змеј преку едноставен експеримент со помош на дрвена табла со вратичка.

„Долго време се сметало дека способноста за имитирање е карактеристична само за луѓето, меѓутоа ништо не се знаело за оваа способност кај рептилите. Ова истражување покажува дека брадестиот змеј е способен за социјално учење што не може да се објасни со едноставни механизми, како на пр. дека индивидуата ја привлекува одредена област само поради тоа што набљудувала друга индивидуа во таа област. Овој наод не е компатибилен со тврдењето дека само луѓето или мајмуните се способни за имитација“, вели д-р Ана Вилкинсон, главен истражувач од училиштето за природни науки на Универзитетот во Линколн, Велика Британија.

„Рептилите и цицачите се развиле од заеднички предок и истражувањето на сличностите и разликите во нивното однесување е од големо значење за подобро разбирање на когнитивната еволуцијата“, објаснува д-р Вилкинсон

Најновото истражување, објавено во академскиот весник „Animal Cognition“, вклучува 12 брадести змејови кои претходно не биле вклучени во когнитивни експерименти.

Еден гуштер бил трениран да се однесува како „демонстратор“ и да ја отвора вратичката од една дрвена табла, која можела да се движи налево или надесно со помош на главата или стапалото. Потоа, „демонстраторот“ бил наградуван со храна од другата страна на вратичката.
Останатите гуштери биле поделени во две групи: експериментална група и контролна група. Експерименталната група го гледала гуштерот-демонстратор како ја отвора вратичката со помош на главата и секој член успеал да го направи истото, додека никој од контролната група не го направил тоа.

Клучната разлика е движењето со главата при отворањето на вратата, што било забележано кај експерименталната група гуштери, но не и кај контролната. Бидејќи гуштерот-демонстратор го направил тоа движење, се претпоставува дека експерименталната група го имитирала.

„Ова, заедно со другите разлики во однесувањето на двете групи, покажува дека учењето преку имитација најверојатно се заснова на антички механизми. Тоа всушност е првиот доказ за имитација кај рептилите, кој покажува дека рептилите можат да користат социјални информации за да учат преку имитација“, заклучува д-р Вилкинсон.

Поддржете ја нашата работа: