Првата трансплантација на глава ќе се изведува на кинески пациент

Првата трансплантација на глава во историјата, која требаше да се одржи во декември 2017та година, сега е одложена. Засега не постои закажан подоцнежен датум, но операцијата веројатно ќе се одржи во првиот квартал од 2018та година.

Рускиот волонтер Валериј Спиридонов, за кој е најавено дека ќе биде првиот пациент кој ќе ја помине оваа операција, одлучи сепак да не помине низ процедурата. Спиридонов боледува од болест која ги слабее мускулите и веќе две години соработува со италијанскиот неврохирург Серџо Канаверо за развој на процедурата. Таквата одлука Валериј ја донесол бидејќи докторот не можел да му вети дека повторно ќе оди или дека воопшто ќе ја преживее операцијата.

Рускиот волонтер ќе побара алтернативна операција на ‘рбетот за да го подобри својот живот, наместо да подлежи на експериментална постапка, критикувана од некои истражувачи од научната заедница.

Неврохирургот Серџо Канаверо за ОООМ вели дека оваа операција веројатно ќе треба да се обави на кинески пациент. Исто така најавува дека ќе работи заедно со својот колега Д-р. Кјаопинг Рено од Медицинскиот Универзитет Харбин при извршувањето на операцијата во Харбин во Кина. И покрај критиките, Канаверо е сеуште оптимист и верува дека резултатите од операцијата ќе бидат “позитивни”.

Во една од неговите неодамнешни публикации, д-р Канаверо тврди дека повторно споил ‘рбетен мозок кај девет лабораториски глувци како доказ за оперативниот концепт. ‘Рбетниот мозок се спојува со специјален материјал или “лепак” наречен полиетилен гликол (ПЕГ). Тој верува дека истиот материјал ќе помогне да се поврзе човечката глава со донираното тело.

Д-р. Канаверо вели дека е решен да успее, и покрај критиката од другите научници.

Поддржете ја нашата работа: