Пустината Атакама- најсувото место на светот

Пустината Атакама е позната како најсувото место на светот, особено во околината на напуштениот град Јунгај, Чиле. Ова е многу необично место кое го привлече вниманието на биолозите поради големата сличност со средината на Марс.

Се наоѓа по должината на брегот на Чиле, Јужна Америка, покрај Тихиот Океан – најголемото водено тело на планетава. Голем дел од пустината се протега на Андите. За разлика од повеќето познати путини, како Сахара во Африка или Мохаве во Калифорнија, Атакама е прилично студено место, со просечни дневни температури од 0°C до 25°C.

Годишното количество на врнежи (или недостаток на врнежи) ги дефинира пустините. Во некои делови од оваа пустина немало врнежи повеќе од 400 години. Но, иако речиси никогаш не врне дожд, сепак постои вода на ова најсуво место на светот и може да се најде на следните места:

Солени езера

За време на врнежите во минатото, се насобрало доволно вода во басените на Андите за да се создадат езера. Некои од нив ја добиле водата од топењето на глечерите на крајот на последното ледено доба. Но, кај некои од нив, се губи повеќе вода (преку испарување) отколку што се надополнува (преку врнежи), па езерата пресушуваат. Како што водата испарува, минералните соли во водаат стануваат се поконцентрирани, при што се создава многу солена вода.

Снег
На големите надморски височини паѓа снег. На врвовите на планините има мали делчиња нестопен снег бидејќи никогаш не е доволно топло за да се стопи.

Подземни води
Секогаш има вода под земјата, без разлика на тоа дали врне дожд. А колку и каде има вода зависи од составот на почвата, температурата на почвата и воздухот, износот и фрквенцијата на врнежи и пресушувањето. Бидејќи Андите претставуваат активен вулкански планински венец, магмата под земјата ја загрева подземната вода предизвикувајќи гејзери на одредени места.

Магла и роса
Најголемиот дел од врнежите во Атакама доаѓаат во форма на магла што доаѓа од Тихиот Океан. Поради кондензацијата на воздухот остануваат мали капки вода. Малиот број на организми што може да преживеат во Атакама, преживуваат токму поради комбинираната влажност од маглата и росата.

Дали нешто живее таму?

Многу луѓе сметаат дека пустините се места заборавени од мајката природа и дека ниедно живо суштество не би живеело таму. Иако е тешко, постојат изолирани растенија кои овозможуваат живот за некои животни и инсекти. Некои растенија успешно се адаптирале развивајќи многу длабоки корени за да соберат водат од земјата. Многу фламинга живеат околу солените езера и се хранат од црвените алги кои растат во водата. Дури има и луѓе кои живеат во Атакама. Постои град наречен Калама каде што има мотели, ресторани и продавници, но за жал поголемиот дел е прилично осамено место. Според културните реликвии и артефакти, луѓето живееле таму многу илјадници години. Пронајдени се многу остатоци од Индијанци кои поради сувите услови се сочувани како совршени мумии. Оттука потекнуваат некои од најстарите мумии на светот, кои се смета дека се 9 илјади години стари.

Поддржете ја нашата работа: