Ракот кај една личност може да се излечи со имунолошки клетки од друга личност

За прв пат, научниците покажаа дека ако клетките од имунолошкиот систем на еден пациент не можат да ги препознаат и нападнат туморските клетки, тогаш тоа би можеле да го направат имунолошките клетки од некој друг пациент.

Во новото истражување, научниците покажаа дека со вметнување на одредени компоненти од имунолошките клетки, или Т-клетки, од здрав донор, во дефектните имунолошки клетки на пациент болен од рак, тие може да се „научат“ да ги препознаваат и напаѓаат канцерските клетки.

Ова на некој начин покажува дека имунолошкиот одговор кај пациентите болни од рак може да се зајакне. Потребно е само да се најде содветниот донор на Т-клетки кои ќе одговараат со нео-антигените на канцерските клетки, за тие да можат генетски да се изменат и да можат да ги детектираат канцерските клетки – процес кој се нарекува имунотерапија.

Наместо да се користат ласери или хемикалии за да се нападнат канцерските клетки, а со тоа и здравите клетки во близина (како што е случајот при радиотерапијата и хемотерапијата), имунотерапијата се заснова на идејата дека одредени третмани можат да го зајакнат имунолошкиот систем на пациентот за самиот да се избори со клетките на ракот.

Научниците од Институтот за рак во Холандија и Универзитетот во Осло екстрахирале Т-клетки од здрави донори и во нив вметнале мутирана ДНК од канцерски клетки на тројца пациенти од Универзитетската болница во Осло. Тие ги идентификувале правилните ДНК секвенци со помош на мапирање на протеински фрагменти наречени нео-антигени кои се наоѓаат на површината на канцерските клетки (кои нивниот имунолошки систем не можел да ги детектира).

Ова предизвикало имунолошкиот систем на пациентите ефикасно да ги препознае нео-антигените на површината на канцерските клетки и да започне имунолошки одговор.

Со други зборови, во основа, научниците „позајмуваат“ имунолошки систем за да му помогне на постоечкиот да ги идентификува и нападне канцерските клетки за прв пат.

Иако ова истражување е многу мало и вклучува само тројца пациенти, резултатите се ветувачки и научниците се надеваат дека во иднина ќе направат поголемо клиничко тестирање.

Истражувањето е објавено во „Science“.

Поддржете ја нашата работа: