Новата студија истражува на кој начин расположението се шири низ групите на социјалните мрежи. Резултатите покажуваат дека расположението навистина може да се пренесе, додека депресијата не може. Ова е интересно откритие со оглед на големиот подем на депресија кај адолесцентите на денешницата.
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) укажуваат дека депресијата зафаќа околу 350 милиони луѓе во светот. Факт е дека депресијата кај адолесцентите е во пораст, и тоа е сериозна причина за грижа. Една студија од минатата година покажа дека пријавите на адолесценти со големи депресивни епизоди, од 2005та до 2014та година нарасна за 37%.
Оваа нова студија предводена од истражувачи од Универзитетот во Варвик, објавена во списанието Royal Society Open Science, истражувала како на поединци влијае расположението од нивните пријатели, како расположението се шири во групи, но студијата открива и дека, иако симптомите на депресијата – како чувството за беспомошност или загуба на интерес можат да бидат општествено заразни, но влијанието на расположението од пријателите не е доволно за да се „заработи„ депресија.
Тимот ги анализирал податоците од националната долгорочна студија за здравјето на адолесценти до лица на постара возраст (анг. National Longitudinal Study of Adolescent to Adult Health), притоа се користеле математички модели кои откриле дека што повеќе од вашите пријатели патат од лошо расположение, тоа е поголема веројатноста дека и вас ќе ви се случи истото. Спротивно влијание е откриено кај лица кои имаат попозитивен друштвен круг.
“Претходните студии покажуваат дека социјалната поддршка и новите пријателства можат позитивно да влијаат на нарушувањата во расположението кај адолесцентите, а последните експерименти покажуваат дека емоционалната состојба на индивидуата може да биде под влијание на изложеност на емоционални изрази при социјални контакти,” вели Rob Eyre, авторот на студијата во својата изјава.
Иако нивната студија покажала дека лошите расположенија на пријателите не се доволни за да се пренесе во форма на депресија, истражувачите сакаат да покажат дека е важно да се изучуваат и поддржуваат луѓето кои покажуваат симптоми на депресија, кои сеуште не се на високо ниво.