Решена мистеријата за недостигот на хемиски елементи на Месечината?

Сличностите во геологијата на Земјата и Месечината ја поддржуваат идејата дека тие имаат заедничко потекло. Според хипотезата, Месечината се формирала пред околу 4,5 милијарда години кога една планета што астрономите ја нарекуваат „Theia” се судрила со раната прото-Земја. При судирот, „Theia” и поголемиот дел од прото-Земјата се претвориле во магма. Остатоците од судирот биле исфрлени далеку во вселената при што се формирал диск со 19,900 километарски радиус. Месечината се формирала со постепеното соединување и зацврстување на материите од овој диск.

Но, камењата од Месечината немаат некои од клучните елементи кои се наоѓаат на Земјата, како што се калиум, натриум и цинк.

„Овие елементи не е можно да ја избегнале гравитацијата на Земјата за време на судирот и би требало да се наоѓаат во остатоците од кои се формирала Месечината“, вели д-р Робин Канап, водечкиот автор на истражувањето. Тоа го покренува прашањето зошто не можеме да ги пронајдеме во примероците од Месечината?

За да разберат што се случило, истражувачите одлучиле да искомбинираат постоечки и нови модели за тоа како Месечината се формирала. Откриле дека јадрото на Месечината првично се создало со соединување на материите од надворешниот дел на дискот од остатоци. Тој дел бил доволно ладен за хемиските елемнти да кондензираат. Надворешните слоеви на Месечината се формирале од стопениот материјал од внатрешноста на дискот од остатоци и според новиот модел, тој дел се’ уште бил премногу топол за хемиските елементи како калиум, натриум и цинк да кондензираат од гасовита во цврста состојба.

Ова објаснува зошто надворешниот дел од Месечината има релативно ниска застапеност на овие елементи. Истражувачите исто така објаснуваат дека иако со текот на времето внатрешниот диск се оладил на температури на кои елементите може да кондензираат, дотогаш Месечината се поместила од дискот и нејзиното формирање престанало. Така, остатоците богати со овие хемиски елементи наместо на Месечината, паднале на раната Земја.

Истражувањето е објавено во „Nature Geoscience“.

Поддржете ја нашата работа: