Руските власти: Фиџет спинерите се алатка на опозицијата

Руското потрошувачко надзорно тело предупреди дека фиџет спинерите би можеле да бидат штетна зависност, откако државната телевизија објави дека играчките можат да ги направат луѓето подложни на пораките од политичката опозиција.

Според надзорното тело, постои агресивна промоција на ткн. спинери меѓу децата и тинејџерите и дека владее загриженост кај родителите и наставниците.

Оттаму велат дека ќе побараат од научниците „да го испитаат ефектот на влијание што го создаваат спинерите врз здравјето на децата, вклучувајќи ја можноста да има негативни последици“.

Известувањето, придружено со предупредување да не се купуваат спинери на улица и да ги проверуваат за хемиски мириси, дојде откако државната телевизија прошири страв за играчките.

Емисија наречена „Вирус“ на каналот Русија24 на 12 јули ги нарече спинерите „инструменти за зомбификација“ и „форма на хипноза“.

„Спинерите често имаат негативен ефект на психата и ја прават личноста подложна на манипулација“, предупреди водителот на емисијата.

„Веројатно не е случајно што почнаа да продаваат спинери на опозициски митинзи“, додаде тој.

По ова следуваа вести за трагедии што им се случиле на деца поради спинерите. Сепак, ширењето страв наиде на потсмев.

Играчките станаа популарни во Америка оваа пролет, по што стигнаа и во Европа. Тие беа забранети во некои школи во Америка, Франција и Британија.

Извор: Радио МОФ

Поддржете ја нашата работа: