Што јаделе нашите предци пред 1,2 милиони години?

Денталната анализа на заб стар 1,2 милиони години, што му припаѓал на еден од нашите први предци открива нови информации за тоа со што се хранеле тие.

Според новото истражување спроведено од Автономниот Универзитет во Барселона, Шпанија, наслагите од забен камен покажуваат присуство на сирово месо и зеленчук, како и делови од дрво, од крила од пеперутки и делови од нозе од инсекти.

Иако сознанијата поврзани со исхраната се корисни за оформување на целосната слика за тоа како живееле нашите предци, клучниот елемент во овие наоди се доказите дека огнот не бил користен во Европа пред 1,2 милиони години.

Кога точно во човековата праисторија почнал да се користи огнот за обработка на храната, сѐ уште е предмет на широка дебата, но некои истражувачи укажуваат дека тоа започнало пред 1,8 милиони години.

Директните археолошки докази сугерираат дека појавата на огнот датира најрано од пред 800.000 години, а доколку овие наоди од наслагите на овој заб се доказ дека огнот во тоа време не постоел, тоа значи дека употребата на огнот започнала некаде пред 1,2 милиони  и 800 000 години.

Покрај ова, истражувачите укажуваат и дека првите хоминиди користеле стапчиња и гранчиња како чепкалки за чистење на своите заби – чин за кој научниците претходно имаа докази дека потекнува најрано од пред околу 49.000 години.

Анализите биле направени на примероци од забните наслаги кои истражувачите ги отстраниле од забот со помош на ултразвучен апарат. Бројните скенирањата што биле направени покажале присуство на микрофосили во наслагите. Тука биле откриени дрвени парчиња, животински ткива, па дури и еден патоген карактеристичен за растенијата познат како „Alternaria“ кој се поврзува со астма и висока температура.

microfossilsheader_1024

Иако нема доволно таксономски докази за да може точно да се утврди на кој вид од првите луѓе му припаѓал забот, доказите покажуваат дека исхраната на древните хоминиди се состоела од сирова храна, затоа што сѐ уште не користеле оган за нејзина обработка.

И покрај тоа што го немале луксузот што им го овозможува огнот, податоците од забот покажуваат широк спектар на исхрана, која вклучува семиња, растенија и животни.

„Нашите наоди дека конзумирале најмалку две скробни растенија, покрај тоа што јаделе месо и сирови семиња, укажува дека овие први европски хоминиди имале детално  разбирање за своето опкружување и  разновидна исхрана“- вели Карен Харди, водачот на истражувачкиот тим.

Надежите се дека со натамошните истражувања на коските од локалитетот „Sima del Elefante“ во Шпанија повеќе ќе се знае за тоа како нашите први предци живееле, се хранеле и умирале, со што ќе се добие покомплетна слика за нашето минато.

Истражувањето е објавено во „Science of Nature“.

Поддржете ја нашата работа: