Што се случува кога ќе се судрат две галаксии?

Според едно неодамнешно истражување, кога две галаксии ќе се судрат, поголемата ја спречува помалата да создава ѕвезди.

Претходно, астрономите сметаа дека кога галаксиите ќе се судрат, нивните облаци од гас (каде што се создаваат ѕвездите) се мешаат и ѕвездите се создаваат многу побрзо отколку кога галаксиите би биле одвоени.

Но, истражувањето на д-р Лук Дејвис, од Меѓународниот центар за истражувања на Универзитетот во западна Австралија, со помош на Англо-Австралискиот телескоп, сугерира дека таа идеја е премногу едноставна. Тој смета дека фактот дали галаксијата ќе создава ѕвезди побрзо, или дали воопшто ќе создава, зависи од тоа дали таа е поголема или помала при тој судир.

„Кога ќе се судрат две галаксии со иста или слична големина, и двете создаваат ѕвезди многу побрзо“, објаснува тој. „Но, ако едната галаксија е значително поголема од другата, стапката на формирање на ѕвезди се менува, односно поголемата галаксија создава ѕвезди побрзо, додека помалата едвај“. Тоа најверојатно се случува бидејќи поголемата галаксија го зема гасот од помалата, или пак го спречува снабдувањето со гас, при што помалата галаксија не може да создава ѕвезди.

Д-р Дејвис вели дека нашиот најблизок голем галактички сосед – Андромеда, ќе се судри со нашиот Млечен Пат за околу 4 милијарди години. Па, што ќе се случи тогаш со овие две галаксии? Дејвис објаснува дека и двете се релативно големи и со слична маса. Како што ќе се доближуваат, меѓусебно ќе си влијаат на процесот на формирање на ѕвезди се додека на крајот не се спојат и формираат нова галаксија.

Истражувањето на ваквите космички судири им овозможува на научниците подобро разбирање на тоа како галаксиите растат и се развиваат. Истражувањето е објавено во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.


Поддржете ја нашата работа: