Симптоми на настинка – наспроти грип

Да се биде болен секогаш е грозно – независно за што се работи, но точната диференцијација на болестите е од суштинско значење за лекувањето и закрепнувањето. Сепак, за нестручно лице може да биде многу тешко да направи разлика помеѓу две респираторни заболувања – настинката и грипот.

Иако имаат многу заеднички карактеристики, грипот секако е полош од настинката, со многу поизразени симптоми.

Според Центарот за превенција и контрола на болестите на САД, кај грипот може да се јави треска, кашлица, болно грло, растечен или затнат нос, болки во телото, главоболки и исцрпеност. Исто така постои можност од појава на сериозни компликации, како пневмонија, бактериски инфекции, воспаление на срцето или мозокот, особено кај поранливите групи, кои веќе страдаат од друго заболување.

Компликациите од грипот можат да бидат и смртоносни. Инфекција со вирусот на грип на  респираторниот тракт може да поттикне екстремен инфламаторен одговор во телото и да доведе до сепса. Грипот исто така може да предизвика влошување на хроничните здравствени проблеми, на пример, да го зголеми бројот на астматичните напади.

Грипот може да предизвика повраќање и дијареа, почесто кај децата.

Настинките најчесто предизвикуваат назални симптоми – објаснува Националната здравствена служба на Велика Британија, додека кај грипот најчесто се јавува зголемена температура, исцрпеност и болки во мускулите. „Човек со грип може да има и растечен нос и често да кива, но тоа обично не се симптоми кои го дефинираат грипот“.

flu-1

„CNN“ објаснува дека болките кои се карактеристични за грипот се знак „дека вашето тело ослободува хемикалии кои им помагаат на белите крвни зрнца да се борат против инфекцијата. Сепак, тоа не треба да ве загрижува, освен ако болките станат „онеспособувачки“.

Друг знак преставува и времетраењето на симптомите. „Scientific American“ објаснува дека иако и настинката и грипот обично траат 7 до 10 дена, симтомите на грипот може понекогаш да се задржат три или четири недели: „Вирусот на грипот можеби веќе не е присутен, но симптомите можно е да ги чувстувате долго време после неговото исчезнување“.

Иако е добро да се знаат знаците на овие две различни заболувања, најдобро е се разбира да не „закачите“ ниедно од нив. Меѓу другите мерки на претпазливост може да се заштитите себеси и со често миење на рацете.

Поддржете ја нашата работа: