Слепото црево“ можеби сепак има важна биолошка функција

1248
СПОДЕЛИ

Апендиксот, што претставува мал црволик израсток на цекумот во дигестивниот систем (или слепо црево како што обично го нарекуваме) има лоша репутација, заради тенденцијата да се воспалува, што најчесто доведува до хируршка интервенциja за негово отстранување.

Иако се смета за рудиментиран орган со малку позната функција, неодамнешните истражувања сугерираат дека е можно апендиксот да има важна улога, или попрецизно, може да служи како резервоар на добри цревни бактерии.

Истражувачите од Универзитетот Мидвестерн, заедно со меѓународен тим од научници, во моментов ја проучуваат еволуцијата на апендиксот помеѓу цицачите. Тие собрале податоци за присуството или отсуството на апендиксот, како и на други гастроинтестинални и еколошки карактеристики кај 533 видови на цицачи, со цел да утврдат каква била еволуцијата на апендиксот кај цицачите и зошто некои од нив имаат, а некои немаат апендикс.

Тие откриле дека апендиксот се развил самостојно кај неколку родови цицачи во повеќе од 30 различни временски периоди и речиси никогаш не исчезнал од тој род откако еднаш ќе се појавел. Ова укажува дека апендиксот веројатно служи за адаптивни цели.

Врз основа на еколошките фактори, како исхраната, климата, местото каде живееле цицачите, истражувачите успеале да отфрлат неколку претходно предложени хипотези, според кои апендиксот е поврзан со исхраната или еколошките фактори.

Наместо тоа, наодите покажале дека видовите кај кои е присутен апендиксот имаат повисока просечна концентрација на лимфно ткиво во цекумот, што укажува дека апендиксот може да има важна улога како секундарен имунолошки орган. Лимфното ткиво, исто така може да го стимулира растот на некои видови добри стомачни бактерии, што претставува уште еден доказ дека апендиксот може да служи како „сигурно место“ за корисните бактерии.

Истражувачите откриле и дека апендиксот почесто се јавува кај животните со одреден облик на цекумот (шилест или спирален облик), отколку кај животните со цилиндричен цекум, па оттука заклучуваат дека апендиксот не еволуирал независно, туку како дел на еден поголем „цекоапендикуларен систем“ кој ги вклучува и апендиксот и цекумот.

Истражувањето е објавено во „Comptes Rendus Palevol“.

Дискусија

Коментари