Сложените форми на живот може да се појавиле многу порано отколку што мислевме

Едно ново истражување сугерира дека можно е сложени форми на живот да живееле и изумреле на Земјата долго време пред да се појават повеќеклеточните организми со кои сме запознаени денес.

Генерално се смета дека развојот на сложени форми на живот е редок настан кој се случува еднаш во 4,5 милијарди години. Но, новото истражување вели дека условите се поволни за барем еднаш, а можеби и неколку пати да се развиле и изумреле сложени клетки пред нашата лоза да започне.

Што значи тоа? Дека пред милијарди години, можно е да имало други сложени форми на живот на Земјата кои се целосно неповрзани со она што го гледаме денес.

Да се навратиме назад. Се проценува дека Земјата е стара 4,5 милијарди години. Пред 3,7 милијарди години, кога планетата била релативно млада, се појавиле две од трите царства на живот што ги гледаме денес на Земјата – бактерии и археи.

Се смета дека овие прости едноклеточни организми преживеале самостојно милијарди години, се до пред околу 1,75 милијарди години кога се појавило третото царство на живот – еукариоти. Семејното дрво на еукариотите ги опфаќа сите сложени организми на планетата, вклучувајќи ги животните (тоа сме ние), растенијата, габите и протистите.

Се’ уште се дебатира како настанале еукариотите, но најприфатена е хипотезата дека бактерија проголтала клетка на археите, при што развиле симбиотички однос кој им овозможил да работат заедно за да станат посложени.

Така, на крајот, археите станале митохондриите кои ги гледаме во нашите клетки денес.

Научниците отсекогаш сметале дека еукариотите не се појавиле порано бидејќи немало доволно кислород во атмосферата. Кислородот започнал да се натрупува пред милијарди години благодарение на цијанобактериите, но му требало околу 1,6 милијарди години за да достигне ниво соодветно за сложените форми на живот.

Но, сега новото истражување од Универзитетот во Вашингтон најде докази дека имало доволно кислород во атмосферата на Земјата пред 2,4 до 2 милијарди години, пред повторно наеднаш да опадне. Ова укажува дека состојките за сложени форми на живот биле присутни пред првите фосилни докази за еукариоти.

Научниците анализирале траги на хемискиот елемент селен заробени во парчиња седиментни шкрилци кои датираат пред 2,4 до 2 милијарди години и откриле дека селенот бил изменет од присуство на кислород, или поконкретно – оксидирал. Тоа значи дека имало период од околу една четвртина милијарда години кога нивото на кислород било високо, а потоа опаднало. Тоа не би било доволно за да се прошири и одржи сложениот живот на планетата, но можно е некои сложени организми да се појавиле и потоа да изумреле кога нивото на кислород опаднало.

Зошто нивото на кислород се зголемило, па потоа повторно опаднало не е познато, и може никогаш да не дознаеме со сигурност дали сложените форми на живот се развиле и изумреле пред првите еукариоти, но интересно е да се напомене дека условите кои го отвориле патот за сложените форми на живот на Земјата можеби не се толку ретки и уникатни како што мислевме.

Истражувањето е објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.

Поддржете ја нашата работа: