Стивен Хокинг предупредува да престанеме да бараме вонземјани

Кога се работи за вонземна интелигенција, обично се зборува за тоа на кој начин треба да ја бараме и какви дејства треба да се преземат ако или кога ќе ги откриеме, или ако тие не откријат нас.

Но, според физичарот Стивен Хокинг, веројатно би требало да престанеме со потрагата по вонземјани, бидејќи контактот со некоја напредна цивилизација би можел да го изложи човештвото на Земјата на сериозен ризик.

Овие предупредувања Хокинг ги наведува во онлајн филмот наречен „Омилените места на Стивен Хокинг“. Во филмот, познатиот научник е прикажан како се наоѓа во вселенски брод со име „СС Хокинг“ и ги истражува неговите омилени места во Универзумот.

„Проектот „Breakthrough Listen“ ќе врши скенирање на најблиските ѕвезди во потрага по знаци за живот и знам од каде треба да почнеме да бараме. Еден ден можеби ќе слушнеме знаци од планета како што е „Gliese 832c“, но треба да бидеме претпазливи со повратниот одговор“– вели Хокинг додека ја истражува оваа планета која се наоѓа на оддалеченост од 16 светлосни години и може да има вонземен живот.

Овој проект е амбициозен обид да се најде интелигентен вонземски живот во Универзумот преку скенирање на најблиските ѕвезди за радио сигнали. Проектот „Breakthrough Listen“ е финансиран од рускиот милијардер Јури Милнер кој вложи 100 милиони долари проектот да заживее.

enauka.mkНеодамна беше објавено дека проектот ќе го насочи своето внимание кон хипотетичката „вонземна мегаструктура“, за кои некои сметаат дека го предизвикува чудното затемнување на ѕвездата Таби (KIC 8462852).

Една од најреалните хипотези е дека ова непредвидливо намалување на светлината го предизвикува „меѓуѕвездениот отпад“ или рој од комети, но никој сѐ уште со сигурност не може да каже што навистина се случува таму.

И покрај извонредните напори на Хокинг во потрагата по вонземен живот, тој е еден од најгласните противници на обидите да се комуницира со нив. Според него, ваквиот чин би можел да го загрози човештвото, бидејќи далечна напредна цивилизација би можела да нѐ смета за инфериорни и слаби и идеални за освојување.

Според Хокинг, вонземска цивилизација која е во состојба да ги забележи нашите сигнали и да сфати од каде тие доаѓаат, може да е милијарди години понапред од нас и ние да бидеме лесна цел да не нападне и освои.

„Ако е така, тие би биле многу помоќни и на нас би гледале исто како ние на бактериите“, вели Хогинг во филмот.

Потрагата во Универзумот не е единствената научна област за која Хокинс вели дека е ризична.

Пред неколку недели, во писмото што го испрати до Универзитетот Кембриџ, Хокинг вели дека вештачката интелигеција (ВИ) може да биде „или најдобрата или најлошата работа што некогаш му се случила на човештвото“ – мислење со кое се сложуваат и други експерти и водачи, меѓу кои и Илон Маск.

Овој страв произлегува од фактот дека ВИ има моќ да учи сама, што и дава можност да ги надмине нашите човечки способности, бидејќи ние се подобруваме преку биолошката еволуција – што најблаго речено е спор процес.

И покрај тоа што овие предупредувања изгледаат по малку претерани, важно е да почне да се размислува за нив, пред да бидеме приморани на тоа. Кога се работи за напредна вонземска цивилизација и за вештачката интелигенција, подобро е – како што вели поговорката „да се спречи отколку да се лечи“.  

Покрај многубројните предупредувања, во овој 25-минутен филм може да се види Хокинг како истражува други неверојатни места во Универзумот, како што е супермасивната црна дупка Стрелец A* и планетата Сатурн, од која Хокинг е особено фасциниран.

Филмот може да го погледнете на „CuriosityStream“.

Поддржете ја нашата работа: