Тинејџерки го направија првиот приватен сателит во Африка

Во мај идната година, Африка ќе го лансира својот прв приватен сателит во вселената, кој ќе врши мониторирање на временските промени над континентот.

За разлика од повеќето приватни сателити, овој сателит во најголем дел е направен од страна на 14 ученички од Јужна Африка, како дел од средношколски тренинг камп за наука, инженерство и математика.

Ученичките го дизајнирале модулот за сателитот кој ќе орбитира над половите на Земјата и ќе врши скенирање на површината на афричкиот континент.

Сателитот ќе испраќа детални термални слики два пати дневно, со цел да помогне да се спречат катастрофи и да се подобри безбедноста на храната во регионот.

Самиот сателит е набавен од страна на јужноафриканската организација за развој „MEDO“ (South Africa’s Meta Economic Development Organisation), додека девојчињата биле обучувани да го изработат модулот од инженери од Универзитетот за технологија на Кејпскиот полуостров.

За време на првата обука, девојчињата програмирале и лансирале мал „CricketSat“ сателит, со помош на балони кои го мерат атмосферскиот притисок, температурата, влажноста на воздухот и брзината на ветерот.

После тоа преминале на програмирање на модулот на сателитот кој ќе може да собира слики со термички податоци и да покажува каде се очекува суша или поплави.

Ова е од голема важност, особено затоа што поради Ел Нињо од април годинава приносите на пченка во јужниот дел од Африка беа помали за 9,3 милиони тони, па Јужна Африка мораше да увезува пченка за да ги задоволи потребите.

Ако сѐ оди според планираното, сателитот би требало да биде лансиран во мај идната година, со што ќе стане првиот сателит лансиран во орбитата од приватна африканска компанија.

Групата има намера да се прошири со вклучување на ученички од Намибија, Малави, Кенија и Руанда, како начин да се охрабрат младите девојки од Африка да работат во научните области.

Можете да видите како работат овие млади девојки на изработката на сателитот во видеото подолу.

Поддржете ја нашата работа: