Црната материја во Универзумот се губи, а научниците конечно пресметале во колкава количина

СПОДЕЛИ

Руските научници од Институтот за нуклеарни истражувања во Москва за прв пат успеале да го измерат количеството на црна материја во Универзумот, што исчезнало после Големата експлозија, што се случила пред околу 13,7 милијарди години. Тие пресметале дека се распаднале најмногу до пет проценти од црната материја.

Со овие наоди би можела да се објасни една од најголемите мистерии во физиката – зошто нашиот Универум изгледа дека сега функционира на малку поразличен начин  отколку во годините веднаш после Големата експлозија, како и да овозможи појасен увид за тоа на кој начин Универзумот би можел да еволуира во иднина.

Теоријата за постоење на црната материја настанала во 1930-тите години, кога астрофизичарите забележиле дака галаксиите се движат на необичен начин, како да се под влијание на многу поголема гравитациона сила од таа што може да им се припише на видливата материја и енергија во Универзумот.

Денеска се смета дека Универзумот е сочинет од 4,9 проценти видлива материја – работите што може да ги видиме, како галаксиите и ѕвездите­; 26,8 проценти црна материја и 68,3 проценти црна енергија – хипотетички вид на енергија, која е распространета низ целиот Универзум и која би можела да е одговорна за неговото ширење.

Сепак, и покрај тоа што според претпоставките најмногу од материјата во Универзумот е црна, досега многу малку се знае за оваа материја и научниците фактички сѐ уште не успеале да  докажаат дека таа навистина постои.

Еден од начините со кои научниците ја истражуваат црната материја е преку космичкото позадинско зрачење (cosmic microwave background – CMB), што некои го нарекуваат и „ехото на Големата експлозија“. Тоа претставува термално зрачење за кое се претпоставува дека е остаток од Големата експлозија и како еден вид временска капсула што научниците го користат да го проучуваат раниот Универзум.

Проблемот е што космолошките параметри кои управуваат со начинот на кој функцинира Универзумот, како што е брзината на светлината и начинот на кој делува гравитацијата, малку се разликуваат во „CMB“, во споредба со параметрите за кои се знае дека постојат во модерниот Универзум. Една од хипотезите со кои би можело да се објасни зошто раниот Универзум се разликувал е теоријата за „распаѓање на црната материја“– односно, дека црната материја полека исчезнувала од Универзумот.

Руските научници направиле математичка анализа за да одредат колкав дел од црната материја се распаднал откако се формирал Универзумот.

До бројките дошле преку анализа на податоците добиени од набљудувањата од телескопот Планк вршени на космичкото позадинско зрачење кои ги споредиле со друг модел за црната материја.

Според пресметките на научниците, Универзумот има изгубено помеѓу 2 и 5 проценти од својата црна материја после Големата експлозија.

Овие наоди укажуваат на тоа дека црната материја со текот на времето се распаѓа, предизвикувајќи Универзумот да се движи на подруг начин отколку во минатото, иако ќе бидат потребни и други истражувања, пред да може ова со сигурност да се потврди.

Но, и покрај тоа, ова истражување е уште еден чекор поблиску до тоа да се разбере природата на црната материја и да се реши една од најголемите мистерии – зошто Универзумот изгледа така како што изгледа и како ќе еволуира во иднина.

Истражувањето е објавено во „Physical Review D“.

Дискусија

Коментари