Убавината на Медуза

Астрономите, со помош на Големиот телескоп (VLT) на Европската јужна опсерваторија (ESO)  во Чиле, ги направија досега најдеталните снимки на маглината (небула) Медуза.

Кога ѕвездата што се наоѓа во центарот на оваа маглина почнува да се распаѓа, ги испушта своите надворешни слоеви во вселената, формирајќи го овој колоритен облак.

Оваа прекрасна планетарна маглина е именувана по едно стравотно суштество од грчката митологија – горгоната Медуза. Позната е и под името „Шарплес 2-274“ и се наоѓа во соѕвездието Близнаци. Маглината Медуза се простира на приближно четири светлосни години и се наоѓа на оддалеченост од околу 1500 светлосни години. И покрај својата големина, таа е исклучително нејасна и многу тешко се забележува.

Медуза била грозно суштество со змии на главата, наместо коса. Овие „змии“ во маглината претставуваат кривулестите нишки од светлечки гас. Црвениот сјај од водородот и побледиот зелен сјај од кислородот се протегаат и многу подалеку од оваа рамка, формирајќи српест облик на небото. Исфрлањето на маса од ѕвездите во оваа фаза од нивната еволуција често се случува наизменично, што може да резултира со формирање на фасцинантни структури во планетарните маглини.

Со десетици илјади години, ѕвездените јадра на планетарните маглини се опкружени од овие неверојатно шарени облаци од гас (1). Во текот на неколку следни илјадници години, овој гас полека исчезнува во околината. Тоа е последната фаза од трансформацијата на една ѕвезда, пред да го заврши својот активен живот и да премине во бело џуџе. Фазата на планетарна маглина е само еден мал дел од севкупниот животен век на една ѕвезда.

Јаката ултравиолетова радијација од исклучително жешката ѕвезда во средината на маглината предизвикува атомите од гасот што се движи нанадвор да ги изгубат своите електрони, оставајќи зад себе јонизиран гас. Карактеристичните бои од светлечкиот гас можат да се искористат за  идентификација на  објекти. Особено, присуството на зелениот сјај од двојно јонизираниот кислород  ([O III]) се користи како алатка да се забележи планетарна маглина. Со примена на соодветни филтри, астрономите можат да го изолираат зрачењето од светлечкиот гас со што нејасната маглина се појавува многу поизразена, наспроти потемната позадина.

Кога зелените (O III) емисии од маглината се забележани за прв пат, астрономите мислеле дека откриле нов елемент и го нарекле небулиум. Подоцна сфатиле дека едноставно се работи за ретка бранова должина на радијација (2) од  јонизираната форма на познатиот елемент кислород.

Оваа маглина се нарекува уште и „Абел 21“ (поформално PN A66 21), по американскиот астроном Џорџ О. Абел, кој го открил овој објект во 1955 година. Долго време научниците дебатирале околу тоа дали овој облак може да е остаток од супернова експлозија. Сепак, во 1970 –тите години, успеале да ги измерат движењата и останатите својства на материјата во облакот и јасно да посочат дека се работи за планетарна маглина (3)

Оваа слика е добиена преку инструментите закачени на на Големиот телескоп, како дел од програмата „Cosmic Gems“.


Забелешки
(1) Централното јадро на маглината Медуза, не е светлата ѕвезда на овие слики – тоа е ѕвездата  наречена „TYC 776-1339-1“. Централната ѕвезда на Медуза е помалку светлата сина ѕвезда што се наоѓа малку понадвор од српестата форма, во десниот дел од оваа слика.
(2) Овој тип на радијација е редок, бидејќи е производ на т.н. „забранет механизам“, но сепак може да се појават во ретки случаи.
(3) Откриената брзина на ширење на облакот е 50 км/секунда – многу помалку од тоа што би  се очекувало за некој остаток од супернова.
(4) Програмата  „Cosmic Gems“  на Европската јужна опсерваторија е иницијатива за создавање на слики од интересни или визуелно атрактивни објекти со помош на  „ESO“ – телескопите, за едукативни цели и за информирање на јавноста. Програмата ги користи телескопите во време кога не се употребуваат за научни набљудувања. Сите собрани податоци можат да бидат искористени и за научни цели, а на астрономите им се достапни преку научната архива на Европската јужна опсерваторија.

Поддржете ја нашата работа: