Ултра-ретка болест поради која луѓето веруваат дека се мртви

Во 1882 година, францускиот невролог Жил Котар опишал чуден нов синдром, каде што пациентите инсистирале дека всушност тие не постојат, без оглед на сите докази за спротивното.

Не зборуваме за оние клише егзистенцијални моменти кои многумина од нас ги доживуваат во одреден момент од својот живот – пациентите со Котаров синдром веруваат, со сите свои сили, дека тие се мртви или непостојат, во буквална смисла на зборот.

Исто така позната и како Котарова заблуда, оваа состојба е толку ретка што не постојат формални проценки за тоа кај колку луѓе е присутна, и невролошките процеси за неа се многу малку познати. Сепак, постојат неколку добро докуметирани случаи за оваа болест.

За подобро да го разберете синдромот, ќе го земеме случајот на Есме Веиџун Ванг – една жена која одеднаш развила Котаров синдром во 2013-тата година.

Првите знаци за оваа состојба беа извештаите дека таа станува се порасеана и полека губи контрола врз реалноста. Понатамошните симптоми се појавиле кога на еден лет од Лондон до Сан Франциско, Ванг ја изгубила свеста дури 4 часа – што дури и нејзините доктори не можеле да објаснат зошто. Ванг била сигурна дека таа починала на тој лет и дека сега постои измеѓу животот и смртта, што е причината за нејзиниот отсутен ум.

„Тоа беше почетокот на тоа кога бев убедена дека сум мртва. Не, не бев вознемирена за тоа, бидејќи мислев дека ќе можам да правам некои работи во мојот живот и тоа уште подобро од претходно“ – изјавува Ванг.

Тие почетни симптоми на вознемиреност и загуба на реалноста се чини дека се чести во почетната фаза на Котаровиот синдром, но заблудите пак, се единствени и специфични за секој пациент.

На пример, еден човек од Шкотска кој доживеал оштетување на мозокот при сообраќајна несреќа продолжил да мисли дека патувањето во Јужна Африка всушност било патување во пеколот.

И покрај тоа што има неколку добро документирани случаи, невролозите и психолозите се уште знаат многу малку за овој синдром, особено бидејќи нема еден посебен вид на повреда или болест што се поврзува со синдромот.

Но, случајот од 2013-та година покажал дека оние со синдромот имале ниска активност во оние области на мозокот кои се поврзани со телесната свест. Една хипотеза е дека Котаровиот синдром е резултат на загубата на емотивноста кон сите работи, со што личноста се повлекува.

„Да ја земеме на пример вашата омилена мачка – и вие да не и се радувате. Ако сте мртви тогаш нема да имате никакви емоционални реакции, и тоа е она што може да го потикне ова верување“- изјавува когнитивниот научник Макс Колтхарт од Универзитетот „Macquarie“ во Австралија.

Котаровиот синдром е полн со противречности. На пример, како може некој да не постои доколку е когнитивно свесен за своето непостоење? Дали познатата мисла на Декарт- „Мислам, значи постојам“ значи дека помислата за непостоење обезбедува доказ за постоење?

Овие недоследности го прават Котаровиот синдром уште поинтересен и позбунувачки.

Се надеваме дека еден ден ќе имаме поголемо разбирање за тоа како се развива овој синдром, бидејќи тоа нема само да им го подобри животот на оние со оваа ретка состојба, туку исто така може и да помогне во решавањето на големите филозофски и технолошки дилеми.

Поддржете ја нашата работа: