Управување машини со помош на „Силата“ и „Apple“ часовник

Тим истражувачи од Тајван успеале да претворат „Apple“ часовник во сензор кој може да се користи за управување на дрон, само со помош на движење на рацете, пишува „Ројтерс“.

„PVD+“ е тим од технолози и инженери кои работат на Националниот Универзитет Чунг Хсинг, на развој на програмски јазик што го нарекуваат „Донг“ кој може да послужи за паметните часовници да се претворат во далечински управувачи.

Во овој случај, софтверот, инсталиран во „Apple“ часовникот користи алгоритам со кој може да се детектираат движењата на раката од лицето што го носи часовникот, кои потоа се пренесуваат како промени во движењата на дронот.

Во видеото, снимено од „Ројтерс“, се гледа како водачот на тимот Марк Вен, полека го движи дронот „Parrot AR  3.0“ од лево на десно, само со нежни движења на рацете, (слично на она што го прави Кило Рен во „Војна на ѕвездите“).

Тимот вели дека ова може да се дизајнира да функционира на секоја опрема што е погодна за носење, со жироскоп и други сензори за движење. Но како што објаснува Вен, “Донг“ јазикот може да се користи и за други намени, на пример за вклучување и исклучување на светлата.

„Кога двапати ќе плеснам со дланките, светлото се вклучува. Кога во воздух ќе напишам „R“, се вклучува црвено светло, а кога ќе напишам „Y“ се вклучува жолто светло. На крај кога повторно ќе плеснам два пати, светлата се гасат“.

Тимот сега е во процес на патентирање на софтверот. Во меѓувреме ќе мора уште малку да почекаме пред да може да ја користиме „Силата“.

Поддржете ја нашата работа: