Влијанието на марихуаната врз сексуалните перформанси

Постојат различни тврдења за тоа како марихуаната влијае на сексуалните перформанси кај мажите. Некои велат дека помага, други дека штети. Па што вели науката за ова прашање?

Иако неколку истражувања покажале дека многу мажи пријавиле сексуални придобивки од користењето на марихуана, како на пример поголема издржливост, тешко е да се оцени веродостојноста на овие истражувања со оглед на тоа што не може да се исклучи можноста дека дрогата ја менува перцепцијата за време. Или со други зборови, под дејство на марихуаната, сексот можеби само се чини дека трае подолго.

Со цел да овозможат поконкретни одговори, биомедицинските истражувачи започнаа да спроведуваат поконтролирани истражувања за ефектите на марихуаната на еректилната функција. Нивните наоди откриваат дека наместо да ја зголеми, марихуаната може да ја намали ерекцијата.

Истражувањата на животни покажале дека канабисот има инхибиторен ефект на одредени рецептори во еректилното ткиво на пенисот. Иако вакви истражувања се’ уште не се спроведени на луѓето (поради етички и законски причини), истражувањата на животните покажуваат дека марихуаната може повеќе да им нашетети на сексуалните перформанси, наместо да ги подобри.

Но, сепак, постојат неколку ограничувања:

Како прво, истражувачите долго време тврдат дека кога се разгледуваат ефектите на марихуаната, треба да се земе предвид дозата, исто како и со алкохолот. Ако се конзумира во мали количини, инхибиторните својства на сексуалните перформанси би биле минимални, а може дури и да се доживее зголемена сексуална желба. Но, ако се конзумира во големи количини, сексуалните и еректилните проблеми (како на пример потешкотии за постигнување на оргазам) би биле поверојатни.

Во согласност со ова, други истражувања покажале дека распространетоста на еректилната дисфункција е 3 пати поголема кај оние лица кои секојдневно конзумираат марихуана, во споредба со оние кои не конзумираат.

Покрај дозата, треба да внимавате и на видот. Постојат повеќе видови на канабис од кои едниот (indica) има порелаксирачки ефекти, а другиот (sativa) постимулирачки. Се’ уште не е познато како овие видови влијаат на сексуалните перформанси.

Како и во се друго, луѓето се разликуваат и во чувствителноста на марихуаната. Мора да признаеме дека најверојатно различни лица ќе доживеат различни сексуални ефекти во зависност од начинот на кој марихуаната се поврзува со хемијата на телото.

Истражувањата на оваа тема се прилично ограничени, па несомнено се потребни многу повеќе податоци за да се разбере зошто многу различни мажи пријавуваат многу различни ефекти.

Извор: „Huffington Post“.

Поддржете ја нашата работа: