Загрозени видови репродуцирани од замрзната сперма

Тие успеале да создадат потомство користејќи замрзната сперма од ласица. Ласицата живеела во 1980-тите и тогаш била една од последните 18 црноножни ласици во светот.

Неодамна, се родиле 8 млади, со што значително се зголемила генската разновидност на оваа загрозена популација.

За време на сезоната на парење во 2008 година, научниците искористиле примероци од сперма (од 4 мажјаци) која веќе 10 години била замрзната.

„Нашето истражување е првото кое емпириски докажува дека вештачкото оплодување со замрзнати сперматозоиди е возможно и истовремено корисно за генетската разновидност на загрозените видови“, вели главниот истражувач Дејвид Вајлд.

Првично, научниците користеле свежа сперма за вештачки да ги оплодат женките кои не успеале природно да се спарат, што резултирало со 135 новороденчиња. Но, со само неколку мажјаци-татковци за продолжување на целиот вид, научниците знаеле дека ќе се загуби генетската разновидност, што со текот на времето би можело да доведе и до помал број на успешни забременувања. Така, научниците како дел од стандардната процедура, собирале и зачувувале сперма за подоцнежна употреба. Потоа, развиле хормонска терапија која вештачки предизвикува овулација, а потоа ја ставале спермата директно во матката.

Ова истражување покажува колку е важно да се чува спермата, како и други биоматеријали на ретките и загрозените видови на животни. Истражувањето е објавено во „Animal Conservation“.

Поддржете ја нашата работа: