Запознајте го Bat Bot, роботот инспириран од лилјаци

Акробатските способности на лилјаците биле инспирација на научниците од Техничкиот институт во Калифорнија при создавање на нов вид робот кој може да лета. Таквиот робот, еден ден ќе доставува пратки или ќе ги надгледува областите зафатени од природни катастрофи.

Лилјаците имаат најсофистицирани крилја во животинскиот свет. Во нив се наоѓаат околу 40 зглобови кои ги потпираат и им даваат простор за маневр во текот на летањето.

“Импресиониран сум секој пат кога ќе видам лилјаци како се превртуваат во воздухот или како нагло се вртат за време на ловење”, вели еден од авторите на студијата, Soon-Jo Chung. Претходно научниците изработувале роботи кои наликувале на инсекти и птици. Кога пробувале да изработат робот кој емитира лилјаци, проектот никогаш не резултирал со успех поради големиот број на зглобови кои се наоѓаат во крилјата.

Сепак, Chung и неговите колеги успеале да направат робот, наречен “Bat Bot” или B2 кој може да лета и маневрира како лилјак, бидејќи откриле кои компоненти се клучни за работа на нивните крилја, а тоа се зглобовите во рамената и лактите.

“За време на летот, флексибилните крилја се полнат со воздух, а кога се враќаат на место го исфрлаат, што им овозможува додатно подигање”, вели Seth Hutchinson, инженер и еден од авторите на студијата.

Зглобовите во крилјата се изработени од 3D пластика и се прекриени со мека, тенка и трајна кожа од силикон. Роботот има 93 грама и распон на крилјата од 47 сантиметри. За време на пробниот лет можел да лета 5,6 м. во секунда. Научниците сметаат дека е посигурен за употреба од комерцијалните дронови поради меките крилја и малата тежина. Доколку удрат во човек или во некој објект, не би предизвикале никаква штета за разлика од дроновите.

Овие роботи би можеле да имаат широка примена. На пример, во домаќинства и болници, би можеле да им помагаат на стари и неподвижни лица, со тоа што ќе им носат работи кои не можат да ги дофатат.

Поддржете ја нашата работа: