Заситените масти не се штетни?

Заситените масти не ги затнуваат артериите и не го зголемуваат ризикот од срцев удар, тврдат троца кардиолози во својот труд објавен во списанието „British Journal of Sports Medicine“.

Во студијата се вели дека исхрана со намирници кои се означени дека се со ниско ниво на масти или дека „го намалуваат холестеролот“, со цел да се избегнат болестите на срцето е погрешна.

Тие тврдат дека „нема поврзаност помеѓу конзумирањето на заситени масти и општиот морталитет, коронарната болест на срцето, смрт поради инфаркт, мозочен удар или дијабет тип 2, кај здравви возрасни лица“.

Наместо тоа, тие велат дека медитеранскиот начин на  исхрана, заедно со  22 минути пешачење дневно се најдобар начин за спречување на срцевите заболувања.

Трудот кој го објавија Паскал Мајер, кардиолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон и уредник на списанието „BMJ Open Heart“, Рита Редберг уредник на  американското списание „JAMA Internal Medicine” и Асим Малхотра кардиолог во болницата Листер во Стивениџ (Велика Британија), предизвика жестоки критики од голем број експерти по кардиологија. Некои од нив велат дека овие гледишта воопшто не се базирани на проверливи докази и дека предизвикуваат дополнителна забуна во јавноста за тоа која храна треба да се јаде, а која да се избегнува.

Авторите на трудот, кои ја отфрлаат идејата дека  избегнувањето на заситените масти ги спречува срцевите зболувања, пак тврдат дека луѓето можат да ги намалат овие ризици  со „нерестриктивна медитеранска исхрана (41% масти) со најмалку четири лажици маслиново масло или грст јаткасти плодови.

Критичарите, пак ги обвинуваат за наивност и игнорирање на доказите кои се контрадикторни со нивните тврдења.

Доктор Гевин Сандеркок, директор на истражувачкиот центар на Универзитетот Есекс ги отфрла нивните тврдења за користа од „ замена на рафинираните јаглени хидрати со здрава мрсна храна“, како неточни и без докази. „Мора да продолжиме да ја проучуваме сложената врска помеѓу маснотиите, холестеролот и срцевите заболувања, но не смееме еден мит да замениме со друг“вели тој.

Од друга страна, некои ги поддржуваат. Доктор Мери Хенон Флечер која е на чело на медицинскиот оддел на Универзитетот Олстер вели дека нивните совети „се најдоброто нешто што го прочитала во последните неколку години“.

„Пешачење 22 минути дневно и земање на вистинската храна.тоа е одлична порака за јавноста. Модерната идеја за здрава исхрана која подразбира внес на немасна и нискокалорична храна, едноставно не е здрава опција. Сите тие намирници се толку изменети што воопшто не може да се каже дека се  здрави. Вистинска храна во умерени количини и секојдневна физичка активност се клуч за здравје и виталност, но тоа е премногу едноставна порака за луѓето да ја прифатат како совет“– смета таа.

Други експерти, како  нутриционистот Гејнор Басел, сметаат дека авторите се на добар пат, но дека исхраната не би требало да содржи 41% масти како што препорачуваат тие, туку најмногу 11 проценти.

Поддржете ја нашата работа: