Зошто јадеме толку малку видови на растенија?

Прошетајте на пазар или во одделот за овошје и зеленчук во супермаркетите и ќе го добиете впечатокот на изобилство бои, форма, мирис и вкус. Но, разговарајте со ботаничар и ќе ви каже дека тоа е прилично сиромашен избор.

Проценето е дека на Земјата има 400 илјади видови на растенија, од кои 300 илјади може да се јадат, со соодветна имагинација, храброст и подготовка. А ние луѓето јадеме само 200 видови на глобално ниво, а половината од нашиот извор на протеини и калории доаѓаат од само 3 – пченка, ориз и пченица.

Очигледното прашање е зошто толку малку и зошто токму овие растенија?

Во книгата „Природата на земјоделските култури: Како сме започнале да ги јадеме растенијата што ги јадеме“ (The Nature of Crops: How we came to eat the plants we do), агрономот Џон Ворен не носи на патување низ историјата каде што се испреплетуваат шансата, модата и генијалното искористување на биолошките адаптации.

Врз основа на неговото истражување на гените и системите на размножување на растенијата, професорот Ворен ги објаснува своите теории во книгата:

„Претходно луѓето велеа дека јадеме толку малку растенија бидејќи повеќето се отровни, но мислам дека тој изговор повеќе не држи вода. Па ние самите постојано ги прскаме растенијата со отрови за да ги заштитиме од штетниците. Јас сметам дека сексуалните навики на растенијата го ограничуваат процесот на нивно култивирање. Растенијата со вообичаените механизми на опрашување не се идеални култури бидејќи нема да имаат семе кога би растеле на земјоделски размери. Така, култивираме растенија што се опрашуваат со помош на ветерот или одредени инсекти“.

Култивираните растенија што ги јадеме денес се одгледуваат во многу плодни услови, што значи дека тие се хранливи, но бараат многу ѓубрива и вода. Професорот Ворен вели дека може да ја искористиме современата наука за да развиеме поодржливи начини за да се нахрани глобалната популација. Тој смета дека треба да се обидеме да култивираме нови растенија кои се поодржливи и не бараат толку земјоделски ѓубрива и вода.

„Мислам дека културите на иднината се’ уште чекаат да бидат припитомени од растенијата кои растат во тешки услови“, објаснува тој.

Оваа книга е полна со ексцентрични приказни. На пример, дознаваме дека растенијата од фамилијата „Sterculiaceae“ (чии најпознати производи се чоколадото и какаото) се именувани по римскиот бог на ѓубривото – Стеркулиус (Sterculius). Во рамките на неговото царство, оваа книга ја документира историјата и биологијата на повеќе од 50 култури, вклучувајќи ги житарките, зачините, мешунките, овошјата, чоколадото, тутунот и гумата.

Поддржете ја нашата работа: