Зошто некои бебиња се раѓаат со мана?

За прв пат, научниците сметаат дека ја откриле причината за повеќе видови на вродени мани, односно вродени дефекти предизвикани од стресот во животната средина.

Ова откритие на научниците од Инситутит Виктор Чанг покажува дека клеточниот стрес може да биде клучен за да се разбере зошто многу бебиња се раѓаат со дефекти на срцето, ‘рбетот, бубрезите и слично.

Можеби најчестата форма на вроден дефект е срцевата мана, која влијае на 1 од секои 100 бебиња. Но и покрај големата застапеност, генетските причини, како и причините кои потекнуваат од животната средина се многу малку познати.

Ова истражување, предводено од професорот Сали Данвуди, ги анализира ефектите од краткорочен дефицит (недостаток) на кислород врз развојот на ембрионот. „Веќе е познато дека пушењето цигари е лошо за здравјето на нероденото бебе. Но, недостатокот на кислород во ембрионот може да се предизвика од многу нешта – одредени лекови, висок крвен притисок, висока надморска височина, заплеткана папочна врвца, како и јаглерод моноксид“, објаснува професорот Данвуди.

Тој, заедно со својот тим на истражувачи го намалиле нивото на кислород во соба со глувци, од нормалното ниво од 21% до 5,5% во рок од 8 часа. Откриле дека намаленото ниво на кислород го оштетува срцето на бебето, кое се’ уште е во фаза на развој. Видовите на срцеви мани кај глувците биле исти како оние кои најчесто се среќаваат кај луѓето.

Научниците откриле како точно намаленото ниво на кислород го оштетува срцето:

„Намаленото ниво на кислород предизвикува стрес во клетките на ембрионот. Клетките се обидуваат да го намалат стресот на тој начин што го стопираат производството на протеини. Така наеднаш тие протеини не се достапни за срцето и тоа не може правилно да се развие“, објаснува професорот.

Што е најважно, недостатокот на кислород не е единствената причина за овој клеточен стрес. Постојат повеќе фактори кои можат да го поттикнат, како што се вирусни инфекции, зголемена температура, висок шеќер во крвта, лоша исхрана и загадување.

Научниците сметаат дека овој клеточен стрес може да е основниот механизам за развој на различни вродени дефекти, а не само срцевите мани. Изненадувачки е тоа што тој одамна им е познат на научниците, но дури сега откриваат дека може да предизвика некои органи да не се развијат правилно.

Поддржете ја нашата работа: