Зошто растенијата не горат на сонце?

За да ја направат својата храна, растенијата се потпират на сончевата светлина. Но и на растенијата им е потребна заштита од штетните зраци на сонцето, исто како и на луѓето.

Неодамна, научниците открија група молекули во растенијата кои ги штитат од сончевото оштетување. Во истражувањето објавено во списанието на Американското здружение на хемичари, научниците го откриваат механизмот на тоа како функционира оваа природна заштита на растенијата.

Тимоти Зваер и неговите колеги од Универзитетот „Purdue“ нагласуваат дека секојдневната изложеност на растенијата на силното ултравиолетово зрачење може да предизвика сериозни оштетувања во ДНК-та на растенијата, што може да го забави нивниот раст.

Со биохемиски тестирања се покажало дека за да се заштитат себеси, растенијата продуцираат специјални молекули и ги испраќаат до надворешните слоеви на лисјата. Се чини дека овие молекули, наречени синапински естри (sinapate esters) ги блокираат ултравиолетовите-Б зрачења да не навлезат подлабоко во лисјата што инаку би можело да го поремети нормалниот развој на растението.

Иако истражувачите биле одушевени од откритието дека синапинските естри претставуваат заштитни молекули, никој досега немал подетално испитано што се случува со нив под директна изложеност на дејството на УВ-зраците. Тимот на Зваер сакал да го разбере тој процес.

Така, истражувачите ги подложиле овие молекули во гасна фаза на УВ-Б зрачење со помош на ласер во лабораториски услови. Откриле дека одредени синапински естри што растението ги користи за заштита се способни да ја впијат радијацијата од секоја бранова должина на ултравиолетовиот-Б спектар. На овој начин, тие извонредно ефикасно ја апсорбираат силната радијација, која инаку би го оштетила растението.

Ова откритие дополнително ја потврдило идејата дека оваа класа молекули ја сочинуваат одбрамбената блокада на растението против сонцето.

Енаука.мк (реобјавена статија)

Поддржете ја нашата работа: