Оклопот на желката е сложена структура која главно има заштитна улога кај денешните исклучително бавни желки. Но, ниеден друг ‘рбетник не го променил своето тело толку драстично за да формира таква непробојна заштитна структура како желката.
Сега, едно ново истражување на меѓународна група на палеонтолози сугерира дека оклопот на најраните желки првично бил адаптација за навлегување под земја, а не за заштита.
Научниците дошле до ова сознание кога откриле неколку примероци на најстарата прото желка со делумен оклоп „Eunotosaurus africanus“ (стара околу 260 милиони години), во пустинскиот регион Кару во јужна Африка. Еден од тие примероци претставувал 15 сантиметарски добро сочуван скелет, заедно со целосно артикулирани раце и нозе.
Како што објаснува палеонтологот Тајлер Лајсон од природонаучниот музеј во Денвер, во најраните почетоци оклопот на желките им служел за да се закопаат под земја, за да ги избегнат тешките услови во суровата јужно африканска средина, каде што всушност и живееле овие прото желки.
Раната еволуција на оклопот на желките со децении ги збунувала научниците. Од фосилните податоци и од набљудувањето на развојот на оклопот кај современите желки, било познато дека една од првите промени за развој на оклопот било ширењето на ребрата – нивното модифицирање за да го формираат поголемиот дел од оклопот.
„Додека проширените ребра можеби не изгледаат како значајна промена, тие имаат сериозно влијание на дишењето и брзината кај четириножните животни. Ребрата се користат како подршка на телото за време на движењето и играат клучна улога во вентилацијата белите дробови. Значително проширените ребра го зацврстуваат торзото, што ја намалува должината на чекорот и го успорува чекорот на животните, притоа влијаејќи и на дишењето“, објаснува Лајсон.
Истражувањето е објавено во „Current Biology“