Вирусите меѓусебно комуницираат! Откриен и нивниот јазик

Меѓу вирусите, посебна група се состои од т.н. бактериофази. Овие вируси, како што сугерира нивното име, ги напаѓаат бактериите со цел да ги убијат, а потоа ги користат нивните остатоци за дополнително да се размножуваат. Испитувајќи ги овие микроорганизми, д-р Ротем Сорек и неговиот истражувачки тим од Научниот институт Вајцман во Израел открија нешто необично: бактериофагите комуницираат едни со други и одлучуваат за судбината на нивните жртви.

Д-р Сорек и соработниците беа првите кои забележаа дека вирусите можат да воспостават некој вид на меѓусебен контакт. Тие комуницираат оставајќи молекуларни сигнали кои им овозможуваат да „планираат“ што да прават со жртвата. Откритието е направено со испитување на оние вируси кои ја напаѓаат бактеријата Bacillus subtilis.

Имено, одамна е познато дека бактериите имаат свој специфичен начин на комуникација. Тимот на Сорек всушност сакаше да истражи како бактериите Bacillus меѓусебно се предупредуваат за присуството на бактериофаги. Феноменот наречен „читање кворум“ им овозможува на бактериите да го променат своето однесување врз основа на бројот на други бактерии во околината. Ако бројот на бактерии се намали, тие ќе го активираат системот за множење за да го зголемат нивниот број.

Наместо да го открие механизмот на комуникација на бактериите, тимот на Сорек откри дека специфичниот вирус Phi3T има улога во вирусната комуникација. Phi3T има двојна стратешка улога – може да ја убие бактеријата како и сите други бактериофаги, или само да ја зарази и да остане неактивен кај живиот домаќин.

Она што го одлучило однесувањето на овој вирус не беше познато додека Сорек и еден од неговите студенти по име Зохар Ерес, по две и пол години истражување не пронајдоа протеин што го нарекоа арбитриум.

Работата на арбитриумот е да им сигнализира на бактериофагите дали треба да продолжат да убиваат други бактерии или е подобро да се сокријат. Овој протеин лачи Phi3T откако ќе го убие својот домаќин. Зголемената количина на овој протеин станува сигнал за другите вируси да преминат од фазата на убивање во фазата на пасивна инфекција.

Сигналот всушност ги спречува сите домаќини да бидат истребени пред доволно да се размножат вирусите. Тимот на Сорек потоа откри повеќе од сто различни системи на вирусна комуникација кои личат на арбитриум и кои се меѓусебно независни, како секој да зборува на свој посебен јазик.

Иако арбитриумот делува како моќно оружје на вирусот, истражувачите го гледаат и како нивна потенцијална слабост. Научниците имаат причина да претпоставуваат дека вирусите кои ги напаѓаат луѓето имаат и такви или слични комуникациски системи. Што е со вирусите како што се ХИВ или херпес, кои исто така имаат активни и пасивни инфекции? Кога би можеле да најдеме „гласници“ во таквите системи, можеби ќе можеме целосно да ги потиснеме нивните смртоносни навики.

Поддржете ја нашата работа: