Експеримент – како нашите предци ги осветлувале пештерите?

Пред десетици илјади години луѓето живееле и истражувале во пештерите мошне поразлично отколку што тоа го правиме денес. Сепак, тие иако немале модерни фенери и светилки не живееле во целосен мрак.

Во обид да научат повеќе за древниот живот во пештерите, од карпестата уметност до социјализацијата, тим истражувачи разгледувале три вообичаени типови на некогашни техники за осветлување: факели, ламби на масло и отворен оган.

Сите три биле користени уште во горниот палеолитски период, почнувајќи пред околу 50 000 години. Тимот ги применил своите извори на светлина во пракса, истражувајќи ги нивните ефекти во пештерата Исунца во Шпанија.

„На луѓето им треба светлина за да влезат во длабоките делови на пештерите, а нивната посета на тие места зависи од физичките карактеристики на нивните системи за осветлување“, пишуваат истражувачите во својот труд.

„Интензитетот на светлина, радиусот на осветлување, видот на зрачењето и температурата на бојата на светлината ја одредуваат перцепцијата за околината“, додаваат тие.

Истражувачите се опремиле со осум различни типови на светилки моделирани според археолошки артефакти: пет факели од бршлен, смрека, даб, бреза и борова смола, две камени ламби, кои согорувале животински маснотии и мал отворен оган во кој запалиле дабово и смрекино дрво.

Мерењата биле направени во два пошироки, отворени пештерски простории  и еден тунел.

Факелите од дрво се покажале како најдобри за истражување и движење.  Тие биле разумно долготрајни (просечно 41 минута), испуштале светлина во сите правци (скоро шест метри) и лесно можеле да бидат запалени. Сепак, маана им било што ослободувале многу чад.

Маслените светилки биле најефикасни за одржување на помали простори осветлени подолго време, горејќи повеќе од еден час без многу чад, иако нивната светлина имала половина радиус помалку од светлината на  факелите.

Што се однесува до огништето, тоа морало да се изгасне по 30 минути поради количината на чад што ја ослободува, иако осветлувало растојание од 6,6 метри. Огнот треба да биде на место со добра вентилација, велат истражувачите, или да биде доволно голем за да произведе свои струења на воздухот.

Овие експерименти ни даваат добра идеја за видот на ограничувањата под кои се наоѓале луѓето во Горниот палеолит во однос на истражувањето на пештерските тунели, животот во подлабоки делови на пештерите и развојот на пештерската уметност.

Тимот кој стои зад новата студија смета дека ова е само почеток на овој вид истрага. Очекуваат во иднина да се тестираат повеќе видови извори на осветлување и горива и да се симулира различен распоред на нивната поставеност низ просторијата, за подобро да разберат како нашите предци го поминувале своето време во длабоките пештери.

Истражувањето е објавено во PLOS one.

Поддржете ја нашата работа: