За праисториските мажи и жени постојат многу стереотипи. Мажите порано излегувале и ловеле, додека жените собирале храна – јасна поделба на работата врз основа на полот.
Но, најновото истражување посочува дека тоа не било сосема точно. Не само што некои жени ловеле, туку поседувале и одредени физички особини кои ги направиле подобри ловци од мажите.
Овие наоди ги сподели Кара Окобок, доцент на Катедрата за антропологија и директорка на Лабораторијата за човечка енергија на Универзитетот во Нотр Дам.
Како биолог кој проучува физиологија и праисториски докази, таа откри дека голем дел од идеите во врска со раните луѓе, особено оние што се однесуваат на биолошки супериорни мажи, не ја покажуваат големата слика.
Со помош на Сара Лејси, антрополог со експертиза во биолошката археологија на Универзитетот во Делавер, Окобок открила дека не само што праисториските жени ловеле, туку и биле подобри во тоа.
Според Окобок, женското тело било подобро приспособено за активности за издржливост поради повисоките нивоа на два хормони: естроген и адипонектин. Со модулирање на гликозата и маснотиите, тие ги подобруваат атлетските перформанси, како уморување на животните до исцрпеност, пред да ги убијат.
Дополнително, женската анатомија има карактеристики кои би можеле да придонесат за нивната ловечка сила.
– Со типично пошироката структура на колковите на жената, тие се способни да ги ротираат колковите, издолжувајќи ги чекорите. Колку подолги чекори правите, толку подалеку ќе стигнете, а и побрзо – вели Окобок.
Лејси и Окобок пронашле и археолошки докази кои ја поддржуваат нивната теорија. Жените ловци од периодот на холоценот во Перу биле пронајдени закопани со ловечко оружје.
Повредите здобиени кај праисториските женски и машки тела, исто така, зборуваат за слични активности.
– Мажите и жените ги имале истите повреди добиени при лов. Тоа значи дека и мажите и жените еднакво учествувале во ловот на голем дивеч – вели Окобок.
И двете се надеваат дека нивните наоди ја оспоруваат идејата за родови предрасуди.
Извор: Mymodernmet.com