Заборавениот научник кој ги откри диносаурусите

На репертоарот на Лондонскиот театар неодамна се најде претстава посветена на Гидеон Мантел, син на чевлар чии заслуги за едно од најголемите научни откритија ги презеде некој друг.

Иако открил дека нашата планета некогаш била населена со огромни влекачи, местото на Гидеон Мантел во историјата од речиси два века останало во сенка на неговиот влијателен ривал, кој му ја одзел славата. Меѓутоа, со новата претстава „Диноманија“, за борбата на Мантел со тогашниот научен естаблишмент, неговиот живот и дело конечно излегуваат од сенка. Претставата неодамна беше прикажана во театарот „Њу Диорама“ во Лондон.

Гидеон Мантел

Легендата вели дека за време на прошетката во 1822 година, сопругата на Мантел пронашла изненадувачки голем заб во близина на каменоломот, кој потоа му го покажала на својот сопруг. Фасциниран од неговата големина, по деталниот преглед открил дека овој заб припаѓа на засега непознато суштество. Излегло дека станува збор за вид на изумрен џиновски рептил, наречен игуанодон, бидејќи е сличен на денешната игуана.

„Научниците со децении беа збунети од откривањето на коските на диносаурусите. Луѓето мислеа дека припаѓаат на џинови. Клучното откритие на Мантел беше дека овие коски припаѓаат на џиновски животни“, вели Џејмс Итман, режисер на новата претстава.

Самата наука во тоа време се соочувала со ‘породилни болки’ на големата промена, што на крајот ќе доведе до објавување на Потеклото на видовите од Чарлс Дарвин, во 1859 година. Битката се водела помеѓу религиозната и научната теорија на еволуцијата.

Ричард Овен, во тоа време важна личност од високото општество, познат научник и пријател на кралското семејство – застанал на религиозната страна. Иако помогнал во основањето на познатиот Природонаучен музеј во Лондон, тој никогаш не бил познат како особено ревносен собирач на фосили. Од другата страна бил син на чевларот, Гидеон Мантел, одличен и систематски познавач на фосилизирани животински остатоци, кој бил убеден дека тоа се одамна изумрени големи влекачи.

Опсесијата на Овен, вели Лоран Муни, еден од писателите на оваа драма, била „да се обиде да докаже дека диносаурусите биле дел од Божјата креација, божјите чудовишта, пред нашите предци… И тој бил многу, многу добар во тоа“. Тој бил многу потресен од откритието на Мантел, како што наведува овој писател и имал намера да го дискредитира неговото истражување, спречувајќи го да ја добие поддршката на аристократското и конзервативно научно крило.

Овен го искористил своето влијание за да ги прекласифицира овие фосили како „ѕверови создадени од Бог“, но она што било пресудно е тоа што, во исто време, го измислил терминот „диносаурус“ за да ги опише, додава Муни. „Луѓето беа среќни што веруваа во извртени митски суштества како еднорозите, па диносаурусите се појавија во вистинско време. Тие ги заменија овие суштества во колективната имагинација – но на Овен му се припишува најголемиот дел од заслугите, а не на Мантел“, вели Џитман.

Ова дело го прикажува апсолутниот триумф на Овен и самоуништувањето на Мантел на драматичен и трагичен начин.

„Мантел сакаше да се пробие до научната елита, но никогаш не успеа и поради тоа страдаше целото негово семејство“, вели Џитман. На крајот, овој несреќен научник останува сам, бидејќи поради сиромаштијата во која ги вовел, сопругата Мери и децата го напуштаат. „Тој станува скршен човек“, додава Џитман.

Како што се приближува кон крајот на шоуто, се појавува впечатлива сцена која претставува трагична кулминација: Мантел, осакатен по една несреќа со кочијата, го посетува Овен, кој на крајот му го одзема дури и забот на игуанодонот. Се разбира, оваа сцена е целосно измислена и никогаш не би можела да го помине тестот на историјата, како и некои други сцени од претставата, признава Муни. Историските записи велат дека Овен дури, од почит кон својот ривал, по неговата смрт – колку и да ни звучеше морбидно денес – изложил дел од деформираниот ‘рбет на Мантел на полицата во Кралскиот колеџ за хирурзи во Англија.

Но, оваа претстава е замислена и како креативна адаптација чија цел не е да ни покаже како нешто навистина се случило, туку да ни раскаже приказна која можеби е актуелна денес.

„Овие прашања за пристапот до науката сè уште се живи. Колку жени, колку луѓе со друга боја на кожа, колку од нив надвор од оваа елита добиваат можност да напредуваат преку науката? Сепак, тоа очигледно ја одредува насоката на истражувањето и она што се смета за важно“.

А, за денешното истражување, клучна е сопственоста на пристапот и кој го контролира успехот, смета Дејвид Унвин, палеонтолог од англискиот универзитет во Лестер. Тој наведува одличен пример со минатогодишната лудост за фосили од диносауруси во Кина, која станува нов епицентар на сите палеонтолошки настани.

„Ова е нова златна треска за палеонтолозите, но кој всушност добива шанса да ги види овие фосили – сепак се сведува на моќ и контрола, исто како што беше во времето на Овен и Мантел“, вели Унвин.

Поддржете ја нашата работа: