Високото ниво на загаденост на воздухот во Северна Македонија, а особено во нејзините главни градови, како што се Скопје, Тетово и Битола, ја поттикна академската заедница на Универзитетот на Југоисточна Европа, чувствувајќи ја општествената одговорност, да преземе конкретни чекори во придонесот и обезбедувањето конкретни решенија за намалување на параметрите на загадувањето и зголемување на квалитетот на воздухот.
Институтот “Макс ван дер Штул (ИМВДШ), во соработка со Универзитетот во Бирмингем и ИОМ, работат на заеднички проект за промоција на кампањи за квалитетот на воздухот и изнаоѓање конкретни решенија, секогаш базирани на локалното знаење и капацитет.Во рамките на овој проект ќе бидат поставени 10 сензори за мерење на квалитетот на воздухот во Тетово. Моментално се инсталирани 4 сензори, а во наредните месеци ќе бидат поставени уште 6 сензори. Локациите на сензорите беа одредени врз основа на консултации со партнери и истражувачи кои работат на терен. Локации со преоптоварен сообраќај, со пасивен сообраќај, центарот на градот и предградијата се дел од местата каде што ќе бидат поставени сензорите.
Целта е да се произведат евтини монитори за квалитетот на воздухот кои ќе можат да се распоредат според идентификуваните потреби и приоритети.
„Сензорите собираат податоци за тоа како се менува загадувањето на воздухот во урбаните средини и го мерат влијанието на загадувачите на воздухот во градот врз ранливите групи. Овие сензори, исто така, ни помагаат да ја разбереме ефективноста на интервенциите за подобрување на квалитетот на воздухот. „Сензори од овој тип се користени во многу земји во светот и нивната точност е потврдена во многу академски публикации“, вели проф. д-р Менан Селими, менаџер на проектот.
УЈИЕ е пионер во развојот на сензори со ниска цена, калибрирани според локалните услови и поставени според локални приоритети. Универзитетот воспоставува врски со владата и локалната самоуправа за да се обезбеди точност на податоците за да може да се постапи по нив.
Скопје, Битола и Тетово се пријавени како меѓу десетте најзагадени градови во Европа во 2017 година. Лошиот квалитет на воздухот во Северна Македонија, исто така, придонесува за зголемена смртност – Аерозагадувањето со пм-честички беше осми најголем фактор на ризик за смртност во 2016 година, поврзано со 7,3% од смртни случаи во земјата.
Партнери на овој проект се Универзитетот на Југоисточна Европа (ИМВДШ), Универзитетот во Бирмингем, Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Тетово.