ИСТРЕЛ ВО ТЕАТАРОТ; Атентатот на Абрахам Линколн

Откако ја испил и последната голтка виски, во кафе-барот „Талтавулс“, Џон Вилкис Бут, околу 22:00 часот влегол во Фордовиот театар во Вашингтон. Се качил по скалите и тргнал низ ходникот кон претседателската ложа. Пред вратата нема стража, а дежурниот полицаец, Џорџ Паркер, заминал на еден пијалок во локалното бифе. Бут влегува во ложата и тивко ја затвора вратата зад себе. Абрахам Линколн седи во удобната фотелја и заедно со својата сопруга Мери уживаат во комедијата „Роднина од Америка“.

Бут, неуспешен актер со црна кадрава коса, чека на поволен момент, оној кога публиката громогласно ќе се насмее или пак, ќе почне возбудено да аплаудира. В рака има мал пиштол, од типор „деринџер“.

Датумот е 14 април 1865 година. Велики петок. Шест дена претходно завршена е крвавата граѓанска војна во Америка, помеѓу индустриски развиениот север и робовладетелскиот југ. Јужните држави сакаа да се одвојат од Унијата, но после четири долги години, во кои настрадаа околу 600 илјади луѓе, беа приморани да го положат оружјето. Линколн, кој зачувувањето на државната заедница го сметал како највисока цел, ја водел земјата со изразен внатрешен мир и трпение. Кога војната конечно завршила, имал чувство дека конечно дошло време малку да здивне.

За време на појадокот, тоа утро, со својот син Роберт, долго време ја разгледувале фотографијата на победениот генерал од југот, Роберт Е. Ли. Раните треба да зараснат, им велел на присутните алудирајќи на заложбите Југот да ѝ се врати на Унијата.

Потоа, одлучил пријатниот пролетен ден да го помине во прошетка со својата сопруга.

„Мери“ ѝ рекол Абрахам на жена си, „имавме тешки времиња откако дојдовме во Вашингтон. Но, војната заврши и со Божји благослов можеме да се надеваме дека ќе имаме четири мирни години…“. На својот син му се доверил дека најмногу мечтае еден ден да се врати во Илиноис и таму да отвори мала адвокатска канцеларија.

Попладнето Линколн имал неколку протоколарни средби, а Мери резервирала влезници за театарската претстава. За жал, она што не можела да знае е дека пропаднатиот актер и неколку негови приврзаници, поборници за одвојување на јужните држави, ќе скројат убиствен план.

Крајно напнат, Бут клечи зад вратата на ложата. Во едната рака го држи пиштолот, а во другата има нож. Штом аплаузот ја прекинал тишината, ја отворил вратата од ложата и истрелал еден куршум во главата на претседателот Линколн. Смртоносниот проектил го погодил зад левото уво, а се заглавил зад десното око.

Татко Абрахам, како што го нарекувале, паднал онесвестен на подот.

Мајорот Хенри Рид Ратбон, кој заедно со својата сопруга ја делеле ложата со семејството Линколн, се обидува да го запре атентаторот. Бут замавнал со ножот и го ранил. Потоа скокнал преку оградата на ложата и паѓајќи на бината ја скршил потколеницата. Sic semper tyrannis („Така секогаш поминуваат тираните!) ѝ довикнал на публиката додека кривејќи со едната нога се оддалечувал од местото. Претседателот е однесен во хотелска соба, недалеку од театарот, но лекарите знаат дека не можат ништо да сторат.

Абрахам Ликнколн починал следното утро во 7:30 часот.

Неколку дена подоцна, Бут е откриен во своето скривалиште и е убиен. Наскоро биле фатени и останатите учесници во атентатот. Четворица од нив се погубени.

Смртта на претседателот Линколн значително го отежнало повторното обединување на Северот и на Југот. Вистинското помирување се случило неколку децении подоцна.

Поддржете ја нашата работа: