Крстот на Побиен Камен (Од енигма до реалност)

Дали ќе ни помогне фантастичната приказна за Цар Константин и Царица Елена да го  разрешиме обидот за исламизација на жителите од село Бели, Кочани,  сублимирано во Крстот на овој камен?! Бидејќи нема историски податоци, порталот ИГЕО ја користи петрографијата, топонимијата, антропонимијата и одредени сочувани преданија кај месното население.

Најпрво ќе ви доловиме факти за каменот. За тоа кога е поставен, зошто токму тука  е побиен и на него е уклесан Крст, симболот на христијанската вера, против кого е поставен, односно какво е неговото значење. Всушност, се работи за два камена. Едниот поставен на ридот Побиен Камен и другиот со ист состав само многу помал,  но со слична намена кај Гумењата. И тој го паметам, но сега не постои. Неговиот траг се губи во времето на асфалтирањето на патот од Кочани за Бели. Оваа година слична судбина го снашла и големиот камен со крстот, кога  трагачи на злато, не знаејќи го неговото значење и очекувајќи дека под него има скриени пари го подкопале, го турнале и го оставиле така легнат подалеку од неговата правобитна положба.  И тој  бил на пат да ја доживее судбината на малиот камен. Тоа беше и предизвикот да го напишам овој текст за него, односно да се обидам да го спасиме од заборавот, бидејки тој заслужува многу повеќе.

Побиениот Камен е со четвртаста форма, висок е 1.60 m и има обем од 1.30 m.  На една негова страна со поглед кон селото е уклесан крст. По петрографскиот состав тој е метаморфна карпа, доста отпорна на надворешните влијанија. Не е изваден од околината која е од седиментен состав, ниту е спуштен  од соседната која е вулканска купа. Каменот е донесен со голем труд од високиот дел на Осогово, каде постојат карпи со таков состав. Поставен е на врвот на ридот и е видлив од секоја куќа од селото. Тој е видлив и од јужниот дел на Кочани со целото Белско маало.

Малиот камен пак бил поставен на влезот од селото во Гумењата, место кое во во еден период од турското владеење играло многу важна улога. Тука Белани го плаќале долгот кон државата – десетокот. По жетвата доаѓале спаиите и го зимале спаилакот. Мерката била од сноп или во просек. Еден врав од 100 снопа, обично во просек давал 8 килограми жито). Од тоа на државата требало да се даде 10 проценти. (1 килограм еден товар = 100kg). Во неродни сушни години тој просек бил многу низок, а такви во атарот на Бели биле чести и се случувало,  селаните по давање на десетокот дома за прехрана да однесат сосема малку жито.

Со воведување на чифлигарскиот систем, тие што не можеле да го платат данокот им претела опасност да  ја изгубат и земјата. Меѓутоа, најголема болка Белани почувствувале кога по добивањето на прекарите, следниот чекор од власта бил промена на верата и прифаќање на исламот. Тоа тие никако не сакале да го прифатат. Се организирале и барале начин како да ја сочуват верата која ја сметале за светост. Решиле, на највисокиот рид над селото да постават крст, симболот на христијанската вера. Довлекле голем камен од Осогово, исклесале на него крст и го поставиле. Крстот се гледал од секоја куќа од селото, но тој можел да го виде и секој што ќе дојде во Бели. Целта на поставувачите била иста како и за поставувањето на крстови во наше време, на Големиот Крст на Водно или оној помеѓу Драчево и Студеничани, потоа кај Кучково и други.  Но во тоа време за истакнувањето на јавно место на крст се губел живот. Затоа поставувачите прогласиле дека крстот е поставен уште од римско време. За таа цел го исконструирале преданието за посетата на Цар Константин и Царица Елена на Бели. Царот Константин, од историјата е познато дека христијанството го вовел како  државна религија во Римската империја, а Царицата  Елена  го пронашла Крстот  на гробот  на Исус Христос  во Ерусалим и го прогласила за симбол на христијанската вера. Тие, „при престојот во Бели“ , се опкладиле да се натфрлаат со камен од врвот Алењак. При тоа каменот од Царицата паднал  кај Гумењата, а  од Царот се побил на високиот рид над селото.

Извор: ИГЕО

Поддржете ја нашата работа: