Лабораторија или лилјак – Зошто е потребно да се дознае од каде потекнува корона вирусот?

„Навремена, транспарентна, експертска и базирана на наука студија“ – тоа е она што лидерите на Г7 тврдат дека го бараат од научниците кои трагаат по потеклото на корона вирусот.

Ова не е прв пат моќните политички лидери да изразат поддршка за истрага што ќе открие од каде потекнува вирусот одговорен за сегашната пандемија.

Американскиот претседател Џо Бајден неодамна издаде наредба до своите служби да ги засилат напорите и да се појават со извештај за 90 дена, вклучувајќи детална анализа на можноста вирусот да потекнува од кинеска лабораторија.

Контроверзната хипотеза за можно протекување на вирусот од лабораторија, која првично беше отфрлена како нејасна теорија на заговор, неодамна повторно се наметна како можност, што дополнително ги комплицира и онака затегнатите односи меѓу Кина и Западот.

Кина упорно ја одбива теоријата оценувајќи ја како „неоснована кампања“, односно како повод за „префрлање на вината“ од страна на западните земји.

Една и пол година откако првиот случај на Ковид-19 беше регистриран во Вухан, прашањето – како се појави вирусот, останува мистерија.

Што знаеме, а што не знаеме…?

Вирусот SARS-CоV-2 за прв пат беше откриен во градот Вухан, во Кина, на крајот на 2019 година, а до јуни 2021 година се прошири низ целиот свет, што доведе до потврдени 178 милиони случаи на инфекција и 3,9 милиони смртни случаи.

Некои од раните случаи беа поврзани со пазарот на морски плодови во Вухан, каде што беше откриена првата група на луѓе заразени со Ковид-19.

Во последниве месеци, научниците постигнаа широк консензус дека вирусот се шири како резултат на „зоонотична транзиција“ – „скок“ на вирусот од заразени животни на луѓе, пред тој да стане многу пренослив од човек на човек.

Меѓутоа, друга теорија сугерира дека вирусот можеби избегал од големиот био-истражувачки центар, Институтот за вирусологија во Вухан (VIV), лоциран релативно близу до пазарот, каде што повеќе од една деценија научниците го проучувале коронавирусот кај лилјаците.

Во раните денови на пандемијата, ова контроверзно тврдење го застапуваше тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

Некои отидоа дотаму што сугерираат дека вирусот можеби е направен од човек за да се користи како биолошко оружје.

Тогаш, истражувањата обезбедија докази против идејата за лабораториски инженеринг на вирусот.

„Теориите за хипотетичкото потекло на човекот од САРС-КоВ2 се темелно побиени“, напишаа група научници во американскиот журнал за тропска медицина и хигиена во јули минатата година.

Вирусот не содржи „генетски отпечатоци, ниту генетски секвенци што би биле претходно инженерски извадени од веќе постоечки вируси“, рекоа тие.

Шефот на одделот за заразни болести на САД, д-р Ентони Фаучи, исто така, неодамна ја отфрли идејата, велејќи: „Кинези кои намерно прават нешто што ќе ги убие … Мислам дека е тоа претерано“.

А, сепак, тврдењето дека вирусот би можело да се прошири како резултат на непознат лабораториски инцидент, повторно почна да добива на тежина.

Потрага по потеклото

Некои научници ја поддржуваат идејата за истражување на обете спротивставени идеи – протекување од лабораторија на вирус претходно изолиран од природата, наспроти природна зоонозна транзиција (знаејќи дека инфекциите може да преминат од лилјаци на луѓе, директно или преку преоден домаќин).

„Првата е сѐ уште валидна опција што не треба да се исклучува баш така“, напишаа научници од Австрија, Јапонија, Шпанија, Канада, САД и Австралија во март, пренесува Би-Би-Си.

Светската здравствена организација (СЗО) испрати група експерти во Кина на почетокот на оваа година за да го испита ова до крај, а сепак извештајот што го дадоа не содржеше заклучоци за тоа од каде потекнува SАRS-CoV-2 и, според многумина, отоври повеќе нови прашања отколку одговори.

Во мај, 18 истакнати научници напишаа писмо до списанието Сајанс, барајќи понатамошна истрага.

„Треба сериозно да ги сфаќаме хипотезите и за природните и за лабораториските транзиции сѐ додека не добиеме доволно податоци“, напишаа тие.

Еден од авторите на писмото е професорката Акико Ивасаки, имунолог од медицинското училиште во Јеил. Таа инсистира на тоа дека разбирањето на потеклото на вирусот е клучно за спречување на идните пандемии.

„Ако се покаже дека вирусот преминал директно од лилјаци врз луѓе, мора да преземеме мерки за да ги минимизираме идните контакти и да го зајакнеме надзорот на инфекцијата кај луѓето за кои знаеме дека имале контакт со лилјаците“, рече таа за Би-Би-Си.

Од друга страна, „ако вирусот случајно протекол од лабораторијата, треба да разгледаме подетално како настанал и да примениме посилни безбедносни мерки за да спречиме вакви инциденти во иднина“, додава таа.

Истиот став го има и професорот Дејвид Робертсон, вирусолог од Универзитетот во Глазгов.

„Треба да знаеме од каде потекнува вирусот. Но, вирусите со кои тие (Кинезите н.з.) се занимаваа пред пандемијата не се доволно блиску до SARS-CоV-2 за да бидат негово потекло“, изјавил професорот Робертсон за Би-Би-Си.

Врз основа на досега достапните научни индиции, повеќето научници, како професорот Робертсон, во моментов ја претпочитаат идејата за природен трансфер.

Но, повторно, една помала група тврди дека доказите кои ја поддржуваат теоријата за бегство од лабораторија се слаби само затоа што досега не биле темелно истражени.

Лабораторија или лилјак – АРГУМЕНТИ

За следбениците на теоријата за природна транзиција, доказите се обезбедени само од историјатот на епидемиологијата: дека повеќето заразни болести започнале со еден таков „скок“ на вирусот од природата – како што е случај со грипот, ХИВ, ебола или Мерс.

А, присуството на коронавируси кои можат да заразат луѓе во кинеските лилјаци е веќе добро документирано пред пандемијата, делумно благодарение на истражувањето на лабораторијата во Вухан.

Од друга страна, поборниците на теоријата за бегство од лабораторија сметаат дека е сомнително што првичната епидемија се случила во град во кој има неколку максимално обезбедени центри кои чуваат опасни корона вируси.

Тие цитираат извештај на американската разузнавачка служба, во кој се вели дека тројца научници од „VIV“ се разболеле есента 2019 година, пред вирусот да започне да се шири – што е тврдење што кинеските власти категорично го отфрлија.

Уште поважно, теоријата за лабораториско бегство го наведува фактот дека корона вирус, најсличен на SARS-CоV-2 пронајден во природата, познат како RaTG13, дели 96 проценти од својот геном – зошто тогаш близок роднина сè уште не е пронајден кај животните 18 месеци подоцна, прашуваат тие.

Кинезите пак, имаат своја теорија, дека вирусот можеби влегол во земјата со пратка замрзнато месо, што е претпоставка поткрепена со истражување на еден од нивните водечки вирусолози.

Доколку, пак, се потврди оваа теорија, тоа сигурно ќе има последици врз меѓународната трговија, транспортот на храна и другите трговски потфати.

Ќе го дознаеме ли некогаш конечниот одговор?

Науката, по дефиниција, постојано се коригира самата себеси: како што се појавуваат нови докази, старите теории постојано се доведуваат во прашање и паѓаат.

И затоа можеби никогаш нема да дојдеме до дефинитивен одговор, па дури и да го сториме тоа, честопати се потребни многу години пред да се утврди од каде потекнуваат новите болести. На пример, потеклото на САРС од лилјаците не беше потврдено сѐ до 2017 година, 15 години по епидемијата во која починаа околу 800 луѓе.

Професорот Робертсон го користи своето искуство во истражувањето на потеклото на ХИВ вирусот, којшто предизвикува СИДА.

ХИВ го привлече вниманието на светот во осумдесеттите години и се проценува дека оттогаш се заразени 76 милиони луѓе. И покрај неуморните истражувања, дури во средината на 2000-тите потеклото на вирусот беше поврзано со диви шимпанза.

„Отпрвин имаше многу малку примероци на шимпанза со ХИВ1, требаше да помине многу време пред да се разбере од каде треба да се земат примероците“, вели вирусологот. Тој смета дека истражувањето би можело да биде исто толку мачно овојпат, бидејќи,како што открива, веќе се пронајдени нови корона вируси во Јунан, Кина и нови вируси во Југоисточна Азија.

„Ова пребарување никогаш не може да избега од политиката што ја обликуваше од самиот почеток“, тврди научниот новинар, Адам Роџерс.

„Секој добронамерен обид да се разбере потеклото на вирусот може да се претвори во политичка алатка“, вели професорката Ивасаки.

„Совршено сум свесна за потенцијалните последици од играта на меѓусебни обвинувања, особено затоа што сум научник со азиско потекло. Последното нешто што сакаме да го постигнеме е да предизвикаме поголема омраза кон Азијците“, додава Ивасаки.

Многумина се согласуваат со неа и оценуваат дека постои ризик процесот да изврши дополнителен притисок врз односите меѓу САД и Кина во следните години.

Поддржете ја нашата работа: