Нуркачи аматери пронајдоа богатство од времето на Римската империја

Двајца аматери нуркачи кои пливаа покрај шпанското крајбрежје открија огромен фонд од златници стари 1.500 години, од времето на Римската империја.

Нуркачите, Луис Ленс Пардо и Сезар Жимено Алкала, го откриле златото додека летувале со своите семејства во Ксабија, крајбрежен град на Медитеранот. Тие изнајмиле опрема за нуркање за да може да соберат отпад од дното на морето и да ја исчистат околината, но нашле нешто многу поскапоцено. Трепетот на златна монета прв го забележал Ленс Пардо на 23 август.

Кога се приближил да провери открил дека монетата „била во мала дупка, како тесно грло“. Откако ја извадил од таму и ја исчистил, видел дека има „древна слика, како грчко или римско лице“. Заинтригирани, Ленс Пардо и Гимено Алкала се вратиле скокајќи во дупката од кадешто откопале вкупно осум монети.

Запрепастени од откритието, тие следниот ден го пријавиле на властите.

„Ги зедовме осумте монети што ги најдовме и ги ставивме во стаклена тегла со малку морска вода“, изјавил Ленс Пардо.

Наскоро, тим археолози од Универзитетот во Аликанте, Археолошкиот и етнолошкиот музеј „Солер Бласко“ и специјалната подводна бригада на шпанската цивилна гарда, во соработка со градскиот совет на Ксабија, се собрале да го испитаат местото.

Со помош на археолозите, откриле дека дупката има куп со најмалку 53 златници, кои датираат помеѓу 364 година и 408 година, кога Западната Римска Империја била во опаѓање. Секоја монета тежи околу 4,5 грама.

Монетите биле толку добро сочувани што археолозите лесно можеле да ги прочитаат нивните натписи и да ги идентификуваат римските императори прикажани на нив, вклучувајќи: Валентинијан I (три монети), Валентинијан II (седум монети), Теодосиј I (15 монети), Аркадиј (17 монети) , Хонориус (10 монети) и неидентификувана монета, се вели во соопштението на Универзитетот во Аликанте.

Монетите се и богатство на информации и можат да фрлат светлина врз последната фаза пред падот на Западната Римска Империја, рекол археологот Молина Видал.

„Комплетите златници не се вообичаени“, објаснил Молина за „Ел Паис“, додавајќи дека заливот Портиксол е местото каде што бродовите што заминувале од ибериските провинции во Рим застанувале пред да отпловат до Балеарските Острови, кои ги вклучуваат денешните Мајорка и Ибица, а потоа се упатувале кон Рим. Со оглед на тоа што археолозите не пронашле докази за потонат брод во близина, се смета дека е можно некој намерно да го закопал богатството таму, веројатно за да го скрие од варварите, најверојатно Аланите, изјавиле археолозите.

По целосно проучување на монетите, тие ќе бидат изложени во Археолошкиот и етнографскиот музеј Бласко во Ксабија. Во меѓувреме, владата на Валенсија одвои 20.800 долари (17.800 евра) за подводни археолошки ископувања во областа.

Извор: El Pais

Поддржете ја нашата работа: