Ориентацијата на животните и магнетните полови на Земјата

Земјиното магнетно поле луѓето го користат само со помош на компас, а животните можат да го препознаат, односно усвојат за навигација уште од раѓање. Некои од нив никогаш не се оддалечуваат од местото на раѓањето, но некои мигрираат и по десетици илјади километри летајќи или пливајќи до далечните одредишта. Постојат и такви видови што се враќаат од каде што тргнале на речиси неверојатни начини.

Научниците откриваат сѐ повеќе детали за тоа како на животните им успеваат такви восхитувачки зафати, а најновите истражувања се насочени кон Земјиното магнетно поле.

Panulirus argus, еден вид на рибата јастог, која живее во крајбрежјето на Мексиканскиот залив и на Антилите, се ориентира со помош на магнетното поле на Земјата. Биолозите од Универзитетот на Северна Каролина утврдиле дека тие без’рбетници можат да ја пронајдат својата куќа макар од неа да се оддалечени повеќе десетици километри. Биолозите уловиле неколку јастози и ги одвлечкале четириесеттина километри подалеку, место кое на фатените животни не им било познато. Во текот на транпортот тие биле сместени во непропустливи сандаци и лишени од секоја визуелна ориентација.

И покрај тоа, откако се пуштени во морето, јастозите го пронашле патот до местото на кое биле фатени.

Научниците проценуваат дека способноста за нивната навигација ја надминува онаа визуелна или хемиска каква што користат другите животни, како пчелите или мравките кои се потпираат на мирисот односно светлината.

Се верува дека јастозите во темните длабочини на океанот се ориентираат според северното и јужното магнетно поле на Земјата. Ним, како и на многу други видови на животни, не им е потребен компас или сателитско позиционирање.

„Навигацијата на животните е восхитувачки сложена. Сите до сега проучувани животни користат повеќе од еден вид на информации“, вели Кенет Лохман, професор на Универзитетот на Северна Каролина.

Помеѓу тие информации се визуелните ориентири, Сонцето, мирисите, па и Земјиното магнетно поле. Способноста за користење на магнетни информации, нешто што луѓето го можат само со помош на компас, е тема на Лохмановиот научен труд објавен во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“.

Во текстот Лохман и неговите колеги предлагаат нова теорија за начинот на кој некои животни, како на пример лососите и морските желки, го користат магнетизмот за изнаоѓање на патот преку огромните оддалечености на отворениот океан за да се вратат на местото каде што биле родени.

„Идејата што ја предлагаме ние се темели на два наода. Првиот е дека и морските желки и лососите се способни да го почувствуваат Земјиното магнетно поле. Двата вида го имаат добро развиено тоа чувство. Вториот наод е дека различни делови на брегот покажуваат благо различни магнетни особини“, вели професорот Лохман.

Ниедна од тие идеи посебно не е нова, но Лохман истакнува дека неговиот научен тим ги здружил на начин кој објаснува некои навигациони зафати на животните.

„Според нашата претпоставка, лососите и морските желки веднаш по раѓањето го ‘научуваат’ магнетното поле на матичното подрачје. Таа информација ја задржуваат за целото време во текот на миграциите долги илјадници километри. Кога доаѓа време за враќање и размножување, тие со помош на таа информација се враќаат точно на тоа исто место“.

Професорот Лохман нагласува дека неговата теорија не е докажана, но вели оти е тоа прва веродостојна теорија за животинската навигација.

Подоброто разбирање на тие процеси, додава тој, би можело да овозможи користење на магнетната навигација во разни други цели, на пример за наведување на лососите да се мрестат во реки кои ја изгубиле својата сопствена популација на лососи. Меѓутоа, во последно време се случува нешто мошне интересно, а што сигурно (ќе) влијае не само врз ориентацијата и воопшто опстанокот на животните, туку врз целиот жив свет на Земјата: колапс на магнетното поле на Земјата!

Познато е дека тоа ја штити планетата и наведува многу живи суштества во текот на нивните миграции. Се чини дека опасниот процес сериозно започнат пред околу 150 години.

Имено, јачината на полињата веќе ослабеле од 10% до 15%, а пропаѓањето во последно време е забрзано, што ја зголемува дебатата помеѓу научниците за тоа дали ни претстои свртување на магнетните полови на Земјата.

Во текот на овој процес главното магнетно поле слабее, речиси до исчезнување, а потоа се појавува повторно, но со обратен поларитет. Потоа компасите ќе покажуваат на југ, наместо на север, а многу други работи на планетата ќе бидат поинакви.

Во случај на свртување на половите може да дојде и до хаварии на далноводите, дефекти на сателитите, ширење на озонски дупки, појави на поларни светлини на екваторот, дезориентација на птиците преселници, рибите и сите видови на други животни кои за своја навигација се потпираат на магнетното поле.

Европската вселенска агенција (ESA), како дел од планот за изучување на овој феномен, испрати во вселената три идентични сателити под називот „Рој“, кои го следеа распаѓањето на магнетните полиња и им помагаа на научниците да ги предвидат сите можни исходи.

„Сакаме да дознаеме нешто повеќе како ќе се развива ситуацијата во иднина“, изјави Д-р Готије Ило, француски геофизичар кој работеше на проектот на сателитите.

Научниците сметаат дека нема место за паника. Зашто, дури и да е неизбежен „пресвртот“ на половите, ќе поминат околу 2.000 години додека тој не се случи. Претходниот „пресврт“ на Земјата се одиграл пред 780.000 години.

Сепак, теоретски овој пресврт значително ќе влијае врз живите суштества на Земјата. Да повториме, утврдено е дека морските желки ги користат невидливите магнетни полиња за навигавија низ Атлантскиот океан, а исто така магнетните линии ги користат птиците преселници, јагулите, лососите, китовите, пчелите и други животни.

Што се однесува на самата планета, магнетното поле или магнетосферата ја штити Земјата од Сончевите бури и смртоносното вселенско зрачење. Магнетосферата опфаќа простор од 60.000 километри околу нашата планета и зад себе остава опаш сличен на кометата. Ослабеното магнетно поле, тврдат научниците, би можело да доведе до зголемување на радијацијата на Земјата, поради што додатно би ослабнала озонската обвивка која не штити од штетното ултравиолетово зрачење.

Моментното слабеење на магнетното поле го открија францускиот научник Ило и негови дански колеги и ги објавија своите сознанија уште во април 2002. година во списанието „Природа“. Со споредба на податоците од американскиот сателит „Магсат“ од 1979. и 1980. година и мерењата од данскиот сателит „Ерстед“ од 1999., тие открија точка над северниот пол и над Јужна Африка, каде што магнетното поле било исклучително слабо. Во текот на прелетот над тие точки, одделни сателити бидувале значително оштетени од Сончевото зрачење. Поради тоа проектот на Европската вселенска агенција е од исклучително значење не само за идните вселенски истражувања, туку и за заштитата на животните на нашата планета.

Инаку, се смета дека магнетното поле на Земјата настанува длабоко во Земјината кора поради вртењето на течното јадро кое е составено од метали и оваа механичка енергија се претвора во електромагнетизам. На сличен принцип работи генераторот во автомобилот кој ја претвора механичката енергија во електрична.Никој не знае зошто периодично се свртуваат магнетните полови на Земјата, но научниците сметаат дека причините треба да се бараат во турбулентните движења на течното железо во Земјиното јадро.

Поддржете ја нашата работа: