Научници од САД и Индија во соработка со НАСА открија четири видови на бактерии кои живеат на различни места на Меѓународната вселенска станица, од кои три досега биле целосно непознати за науката.
Три од четирите вида беа изолирани во 2015 и 2016 година. Едниот е пронајден на горниот панел на ISS, другиот во куполата (опсерваторија), третиот на површината на трпезариската маса, додека четвртиот вирус е пронајден во стариот филтер ХЕПА кој бил вратен на Земјата во 2011 година, пишува Science Alert .
Сите четири видови припаѓаат на една иста фамилија бактерии, присутни во земјата и слатката вода. Тие придонесуваат во одржување на концентрацијата на азот во атмосферата, во растењето на растенијата и помагаат при запирање на патогени кај растенијата. Тоа се бактерии кои ви се потребни доколку сакате да одгледувате растенија.
Бактеријата пронајдена во ХЕПА филтерот е идентификувана како веќе позната бактерија наречена Метилорубрум родесианум. Другите три видови се подетално анализирани и утврдено е дека станува збор за претходно непознати видови. Научниците ги нарекоа IF7SW-B2T, IIF1SW-B5 и IIF4SW-B5.
Тимот предводен од генетичарот Свати Биљани од Универзитетот во Јужна Калифорнија го предложи името Метилобактериум ајмалии во чест на Ајмали Кан кој е познат индиски научник за биодиверзитет.
„За да одгледувате растенија во екстремни околини со минимални ресурси, клучно е изолирањето на нови микроби кои помагаат во процесот на растење кај растенијата под стресни услови,“ велат Кастури Венкатесваран и Нитин Камар од Лабораторијата за Млазен Погон на НАСА.
Со оглед на тоа што веќе е познато дека овие микроби може да преживеат тешки услови на ISS, научниците спроведоа генетска анализа на овие четири соеви за да ги идентификуваат гените што може да се користат за стимулирање на растот на растенијата.
Тие откриле дека еден од соевите, IF7SW-B2T, има гени вклучени во растот на растенијата; меѓу нив и оној што ја стимулира клеточната делба во коренот и фиданките.