Научниците кои ги проучуваат мумифицираните остатоци од Јужна Америка кои датираат од пред 1.500-2.000 години, велат дека откриле древна човечка ДНК од леплив слој што го произведуваат вошките за да ги закачат нивните јајца на косата, пренесува Phys.org.
Додека бројни групи го разгледауваат потенцијалот на паразитите да помогнат во истражувањето на нашето минато, истражувачите велат дека ова откритие е првото што покажува дека лепилото за гниди е извор на древната човечка ДНК.
Знаењето е драгоцено, имајќи ги предвид тешкотиите типично поврзани со екстракција на ДНК и оштетената состојба во која често се наоѓа.
„Генетски карактеристики на човекот домаќин земени од неколку гниди спречува деструктивно земање примероци од коски и заби, со што се распаѓаат или уништуваат уникатни древни примероци. Доволни се само неколку влакна што содржат гниди“, рече д-р Алехандра Пероти од Универзитетот Ридинг, која го предводи истражувањето.
Покрај тоа, тимот откри дека лепакот за гниди содржи исто онолку од човечката ДНК колку што се наоѓа во забите и двојно повеќе од она што се наоѓа во тврдите коски на черепот.
„Другата работа што ја утврдивме е дека внатре во таа леплива супстанца ДНК е зачувана или заштитена подобро од хемиско оштетување, во споредба со ДНК пронајдена во заб или коска“, рече д-р Мајкл Педерсен, од Универзитетот од Копенхаген, ко-автор на истражувањето.
Студијата, објавена во списанието Молекуларна биологија и еволуција, открива дека тим истражувачи од ОК, Данска и Аргентина анализирале остатоци од осум јужноамерикански мумии како доказ за концептот на пристапот.
Тимот успеа да извлече не само античка човечка ДНК од јадрото, туку и митохондријална ДНК, а анализата на двете ја открила истата приказна: мумифицираните индивидуи биле дел од популацијата што мигрирала од северозападниот дел на Амазон во централниот и западните Анди, пред 2000 години или порано.