Отровни габи во Македонија – Смртоносна Зелена Аманита

Ако според статистиката, каснувањето од најпознатите змии отровници е трагично за 80% од нелекуваните пациенти, отровот од оваа печурка убива дури 95% од луѓето кои во себе ќе внесат само неколку грама (околу 70 g) од кој било нејзин дел.

Процентот на смртност е мошне висок дури и ако се јавите на лекар веднаш по појавата на првите симптоми.

Смртоносната печурка ја има насекаде во Македонија, особено во листопадните шуми, а најголем број од смртните случаи во нашава земја, настанати од јадење печурки се препишуваат токму на овој вид.

За својствата на габите знаеле уште и старите народи. Припадниците на различните цивилизации од стариот свет ги употребувале не само за јадење, туку и за изведба на магиски ритуали поврзани со религиозни и други церемонии.

Иако некои од нив се со микроскопски димензии, габите имаат големо значење во нашето секојдневие. Дел од квасните габи се одговорни за ферментација на пивото, а некои од нив се неопходни за подготовка на леб и на бели пецива.

Од друга страна, габите се основни разградувачи на мртвата органска материја во многу екосистеми. Но, комплексната биологија на габите се проширува многу повеќе од ова вообичаено знаење за нив. Тие се неподвижно прицврстени за почвата и за разлика од повеќето растенија, не содржат хлорофил. Тие се копнени организми, иако нивниот развој бара влага.

„Се работи за организми сосема поразлични од растенијата и животните. Габите се генерално микроорганизми. Мал дел од нив се макроскопски видливи, видови кои што се гледаат со голо око“, вели проф. д-р Митко Караделев, од катедрата за микологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Во клетките на габите како резервна материја не се натрупува скроб, како кај растенијата, туку гликоген и масти, карактеристични за животните. Меѓу секундарните метаболити на габите, значајно место земаат микотоксините. Тоа се отровни соединенија кои можат да ги произведат голем број габи во текот на нивниот раст. По хемиска природа се различни и имаат помалку или повеќе специфично дејство врз поразвиените биолошки системи.

„Содржат специфични токсини. Дури и токсините ги добиваат имињата според името на родот на габата. Во зелената пупавка, која се вика „Amanita phalloides“ има фалин, фалоидин, аманитин, мускарин, така што токсичните компоненти се специфични за габите и ги има само кај нив. Посебно кај смртно отровните видови, некои од нив содржат повеќе токсини така и да се делува со антидот на еден токсин тогаш смртта е пак извесна бидејќи тука остануваат другите токсини“, објаснува проф. Караделев.

Најчесто статистичките податоци се однесуваат на оние труења од потежок карактер, бидејќи полесните форми обично и не се пријавуваат, велат лекарите. Според досегашните искуства, труењата најчесто се случуваат кога високо ценетите габи се заменуваат со отровните. На пример, шампињоните многу лесно можат да се заменат со смртоносно отровниот вид Amanita phalloides, односно зелената пупавка.

„Ова е најотровниот вид печурка кај нас, таа расте во листопадни шуми, некогаш се наоѓа и во зимзелени, меѓутоа многу често може да се најде во дабови и во букови шуми. Може да се види дека одозгора бојата ѝ е зеленкаста, жолто – зелена, некогаш може и бела да биде, секогаш е важно да се види дали овој вид има прстенче…секогаш има прстенче во горниот дел на дршката (столпчето) и секогаш ливчињата се бели. Бојата на ливчињата доаѓа од бојата на спорите. Долниот дел има чорапче и секогаш е задебелен“, објаснува проф. Караделев.

Труењето со оваа габа се нарекува фалоиден синдром. Познат е како еден од најсмртоносните синдроми предизвикани од токсините на габите. Латентниот период, односно времето кога отровот делува во организмот без болниот да почувствува никакви потешкотии, изнесува 10-24 часа. Неговото дејство се манифестира со оштетувања на црниот дроб, зголемено ниво на амонијак во крвта, хепатична кома проследена со респираторна слабост, хеморагија и смрт за 4-7 дена.

„Првата група се отровни печурки коишто развиваат клиничка слика за кратко време, за 2 до 3 часа од конзумирањето и ние ги викаме отровни печурки со краток латентен период. Се јавува клиничка слика проследена со симптоми како што се гадење, повраќање, мачнина, болки во стомакот, проливи и сè завршува на тоа. Обично тие стигнуваат кај нас, добиваат терапија и за ден – два, се подобрува состојбата и ние ги пуштаме дома. Меѓутоа, во втората група на отровни печурки спаѓаат печурките кои што даваат симптоми после подолг временски период, кој што се движи меѓу 6 и 40 часа. Значи, колку е подолг временскиот период од конзумирањето до појавата на симптомите, толку и труењето е со потешка клиничка слика и има полоша прогноза и ние нив ги викаме печурки со долг латентен период и обично тие се оние печурки што нас ни создаваат најголеми проблеми и кои што можат да доведат до тешка клиничка слика, до тешки последици и дури да бидат и смртоносни“, вели д-р. Андон Чибишев, токсиколог.

Како еден од најважните фактори за развој на тешка клиничка слика и неизвесен исход од труењето, експертите го посочуваат несериозниот пристап на луѓето кон печурките и нивна недоволна едукација.

„Секој што ќе јаде печурки и почувствува одредени симптоми кои што го вознемируваат, секако дека мачнина, гадење, повраќање, проливи, се апсолутна индикација веднаш да се побара стручна помош во најблиската медицинска установа. Каде и да сте во државата или во странство, веднаш да побарате лекарска помош, а тие после сите знаат како треба да се движи еден пациент. Но, треба да му кажете на докторот дека сте конзумирале печурки. Не е битно дали тие печурки сте ги изеле од некоја тегла или сами сте ги собирале или нешто слично, посебно ако сами сте ги собирале, па макар и да сте најдобриот познавач на печурки“, нагласува д-р Чибишев.

Но, и покрај сѐ, експертите предупредуваат дека во случај да се изеде оваа смртно отровна печурка (Amanita phalloides), ниту најсоодветната лекарската интервенција нема поволна прогноза за спас на организмот од смрт.

Иако во некои лаички кругови се шпекулира дека отровите од печурките може да ослабат или пак, да се уништат ако собраните печурки неколку кратно термички се обработат, науката ги демантира посочувајќи дека кај најопасните видови токсините се мошне издржливи на високи температури и други надворешни влијанија.

Експертите велат дека најмногу грешки и најголеми трагедии се случуваат поради двојниците на шампињоните. Тоа е ливадска печурка што се појавува во пролет, на лето и во рана есен. Бела е и лесно забележлива.

Експертите потенцираат дека определување на отровноста на печурките според менувањето на бојата при пресек, важи исклучиво за вргањите и за ниту еден друг вид.

И покрај овие совети, ако сакате да тргнете во шумска авантура во обид да пронајдете вкусни габи, немојте да ги јадете додека нивната исправност не ја потврди искусен познавач или стручно лице.

И за самиот крај – ако сретнете некој отровен вид, не газете го и не уништувајте го, бидејќи со тоа се прекинува нивниот животен циклус, а тие се важна компонента на нашиот еко-систем.

Поддржете ја нашата работа: