Службата за мониторинг на климатските промени на ЕУ, „Коперник“, објави дека овогодинешниот март бил најтопол досега.
Дополнително, секој од последните десет месеци е рангиран како најтопол некогаш забележан во светот во споредба со соодветниот месец во претходните години, според Месечниот билтен на Коперник.
Така, не само десеттиот последователен месец го собори сопствениот топлотен рекорд, туку и „глобалната просечна температура во последните 12 месеци е највисока досега забележана“ и го надминува прединдустрискиот просек за 1,58 степени Целзиусови поради децениските емисии на стакленички гасови, чиј ефект од средината на 2023 година, особено нагласен со феноменот Ел Нињо, рече Саманта Бурџис, заменик-шеф на Службата за климатски промени Коперник.
Тоа е долгорочен тренд со исклучителни рекорди за кои сме многу загрижени, вели Бурџис, додавајќи дека следењето и проучувањето на ваквите записи месец по месец навистина ни покажува дека нашата клима многу брзо се менува.
Сетот на податоци на Коперник датира од 1940 година, а научниците го споредија со други релевантни податоци за да потврдат дека минатиот месец беше најтоплиот март од прединдустриското време.
2023 година веќе беше најтоплата година на планетата според светските рекорди кои постојат од 1850 година.
Екстремните временски услови и исклучителните температури направија хаос на глобално ниво оваа година. Сушата предизвикана од климатските промени во дождовните шуми на Амазон меѓу јануари и март поттикна рекорден број шумски пожари во Венецуела, додека сушата во јужна Африка ги уништи посевите и остави милиони луѓе да се соочат со глад.
„Знаеме дека периодот во кој живееме сега веројатно ќе биде најтоплиот во последните 100.000 години“, предупредува Бурџис.