Најраните пишани документи откриваат дека Уија таблата била во употреба уште за време на Римскиот император Валенс, во четвртиот век пред новата ера. После многу векови, во 1890 година, идејата ја искотистиле Чарлс Кенард и Илајџа Бонд, кои ја прилагодиле за современа употреба и ја патентирале. Тие, на својот производ му го дале името Уија, што наводно на египетски јазик значи – добра среќа. Оние потрпеливите, ги отвориле речниците и виделе дека уија не значи баш ништо на египетски јазик. Кога претпријатието на Кенард наскоро било откупено од бизнисменот Вилијем Фулд, кој објаснил дека името е всушност поврзување на францускиот и германскиот збор за потврдување, односно зборчето – да. Па така, француското – oui и германското – ja, се споиле во уија.
На мазна површина на масата се поставува голем круг на кој се испишани сите букви и броеви, а често пати постојат и одредени фрази, како што се: да, не, здраво, збогум и слично. Како покажувач се употребува мал пластичен курсор или чаша на кој учесниците во играта внимателно го поставуваат показалецот.
Се одбира сценарио кое на играта ќе ѝ даде мистична или окултна смисла, па сѐ се претвора во мала спиритистичка сеанса. Најчесто тоа е разговор со покојни или имагинарни лица. Учесниците на глас поставуваат прашање, а именуваната личност им дава одговори движејќи го пластичниот курсор под прстите на играчите. Бидејќи површината е мазна, се создава илузија дека покажувачот го движи некоја повисока сила.
Сепак, во оваа „игра“ учествуваат само луѓето, а идеомоторниот ефект и преземањето иницијатива при движењето на курсорот дава непредвидливи и честопати неочекувани резултати. Со добро подготвена атмосфера, особено ако учесниците се приврзаници на мистериите, ефектот е толку силен што психички лабилните лица можат да западнат во сериозна криза.
Многумина овој драматичен ефект го искористиле како аргумент за тврдењето дека за аматери е опасно да се занимаваат со такви деликатни работи, како што е повикување духови. Со ова би можеле да се согласиме, особено ако споменатите учесници се мошне сугестибилни и ако тоа што ќе се прикаже го прифаќаат без никаква критика.