Околу 3.000 години по погребот на Аменхотеп, тим на истражувачи употребија КТ скенови за дигитално да го „одвиткаат“ неговото тело и за прв пат, виртуелно да „ѕирнат“ низ многуте слоеви и да откријат како би изгледал кога бил жив.
Тие исто така откриле дека фараонот, кој владеел од околу 1525 година п.н.е. до 1504 п.н.е., кога починал имал 35 години и бил висок околу 170 сантиметри; тој бил обрежан и имал добри заби, велат истражувачите. Под обвивките имало 30 амајлии, како и „уникатен златен појас со златни монистра“, наведува во соопштението коавторот на студијата, Сахар Салим, професор по радиологија на медицинскиот факултет на Универзитетот во Каиро.
Овој појас можеби имал „магично значење“, а амајлиите требало да го штитат починатиот крал во задгробниот живот, вели Захи Хавас, поранешен министер за антиквитети на Египет и коавтор на новата студија објавена на почетокот на месецов.
Тим предводен од францускиот египтолог Гастон Масперо ја пронашол мумијата на Аменхотеп во 1881 година, заедно со неколку други мумии во гробница на западниот брег на Теба (денешен Луксор). Неговата мумија била ставена во гробницата некаде за време на 21-та династија (околу 1070 п.н.е. до 945 п.н.е.), откако била ограбена во античко време.
Истражувачите откриле дека разбојниците го оштетиле телото на фараонот. „КТ-снимките го покажуваат степенот на оштетување на мумијата на Аменхотеп I што вклучува фрактури на вратот и обезглавување, голем дефект на предниот абдоминален ѕид и дезартикулација на екстремитетите“, вклучително и десната рака и стапалото, напишале Салем и Хавас во нивната статија во списанието.
Истражувачите открија дека свештениците ја поправале мумијата со тоа што ги вратиле одвоените екстремитети на нивното место, користејќи смола за да ги држат деловите од мумијата заедно и повторно завиткувајќи делови од мумијата со свежи завои.
„Покажуваме дека барем за Аменхотеп I, свештениците од 21-та династија со љубов ги поправале штетите нанесени од ограбувачите на гробници, ја вратиле неговата мумија во нејзиниот поранешен сјај и го зачувале прекрасниот накит и амајлии на своето место“, рече Салим во изјавата. .
Што го убило фараонот е нејасно. „Не можевме да најдеме никакви рани или обезличување поради болест за да ја оправдаме причината за смртта“, рече Салим во изјавата.
Скеновите фрлаат светлина на тоа како изгледал фараонот додека бил жив. „Се чини дека Аменхотеп I личел на неговиот татко, Ахмозе I: имал тесна брада, мал тесен нос, кадрава коса и благо испакнати горни заби“, вели Салим.
Повеќето фараонски мумии биле физички одвиткани или проучувани со помош на КТ скенови, велат истражувачите, истакнувајќи дека Аменхотеп I бил една од ретките кралски мумии што не биле детално испитанa.
„Овој факт дека мумијата на Аменхотеп I никогаш не била отпакувана, ни даде единствена можност: не само да проучуваме како тој првично бил мумифициран и погребан, туку и како бил третиран и повторно погребан двапати, векови по неговата смрт“, вели Салим.
Златниот појас кај Аменхотеп I е деталот што ја поттикнува љубопитноста кај истражувачите, бидејќи на ниту една мумија којашто досега е проучена не бил пронајден таков додаток.
„Првосвештениците на Амон, кои ефективно контролирале делови од Египет за време на 21-та династија, го сметале Аменхотеп I за предок и можеби ја покажале својата наклонетост кон фараонот ставајќи го овој појас врз него“, изјавила Кара Куни, професорка по египтологија на UCLA.