Научниците долго време се обидуваат да научат како да го запрат стареењето и да го продолжат животот, а новото откритие во делумното репрограмирање на клетките дава надеж дека би можеле да успеат во тоа.
Болки во грбот и коските, зголемен ризик од разни болести, се само дел од последиците од стареењето кои научниците се обидуваат да ги запрат за да го продолжат животот. Иако успешните методи за запирање на стареењето кај луѓето сѐ уште се далеку, научниците успеаја да го сторат тоа кај глувците.
„Воодушевени сме бидејќи оваа постапка можеме да ја користиме во текот на животот за да го забавиме стареењето на животните. Техниката се покажа како безбедна и ефикасна кај глувците“, вели Хуан Карлос Иписуа Белмонте, биолог од Институтот Салк во Калифорнија.
Во студијата објавена во научното списание Nature Aging, Белмонте и неговите колеги откриле дека ткивото во бубрезите и кожата на глувците се „подмладува“, односно дека кај третираните животни се намалува влијанието на гените кои предизвикуваат воспаление, смрт на клетките и одговор на стрес. Кожата дури можеше да се регенерира и да остави помалку лузни, што е спротивно од она што се случува во староста.
Покрај тоа, кај овие животни, епигенетскиот часовник, (мерка за нивото на метилација на ДНК што се припишува на стареењето) се чини дека се променила.
„Покрај борбата против болестите поврзани со стареењето, овој пристап може да им обезбеди на биомедицинските професионалци нова алатка за враќање на здравјето на ткивата и организмот преку подобрување на функцијата на клетките и отпорноста на различни болести, како што се невродегенеративните“, објаснува Белмонте.
Иако третманот на делумното репрограмирање на клетките е успешен и безбеден кај глувците, научниците велат дека има уште долг пат пред да може да се користи кај луѓето, но, хипотетички кажано, може да се користи и кај луѓето, пренесува „Science Alert“.
Во оваа студија, научниците експериментираа со четири протеини кои ја регулираат експресијата на ДНК, процес со кој генските информации се користат за синтеза на функционален генски производ, кои често се протеини. Станува збор за протеини познати како „Фактор Јаманака“, именуван по јапонски научник.
Оваа техника е позната по можноста за претворање на „возрасните“ клетки во матични клетки, а научниците сега успеаја да докажат дека е можно да се репрограмираат клетките да се вратат во состојба на младост без да станат матични клетки. Кога би можеле да подмладат доволно клетки во телото, целиот организам би можел да изгледа помлад.
Регенерација и подмладување на ткивото
Во експериментот за подмладување, научниците ги третирале глувците на три различни начини. Првиот експеримент бил краток, групата била третирана еден месец кога имала 25 месеци, што е еквивалентно на 80 човечки години.
Втората и третата група имале подолг третман. Едниот добивал редовни дози од 15 до 22 месечна возраст (еквивалентно на 50 до 70 години кај луѓето), а другиот од 12 до 22 месечна возраст (еквивалентно на 35 до 70 години кај луѓето).
Глувците третирани само еден месец не покажале знаци на подмладување, но тоа било забележано кај другите две групи без зголемен ризик од рак или други здравствени проблеми.
„Оваа студија сугерира дека долгорочното делумно репрограмирање ветува дека ќе биде интервенција што може да ги обнови и подмлади функциите на некои ткива“, велат Аријана Маркел и Џорџ Дејли од Бостонската детска болница, кои не учествувале во студијата.