Се случија промени во надворешното јадро на Земјата: Научниците се обидуваат да откријат зошто

Два земјотреса што се случија на оддалечен остров во Тихиот Океан им даваат одговори на научниците на прашањата за промените во надворешното јадро на Земјата.

За внатрешноста на нашата планета, за сите слоеви под површината, дознаваме врз основа на сеизмичките бранови кои се јавуваат по земјотресите. Научниците велат дека со внимателна анализа можат да ни го откријат составот на карпите и металите кои се наоѓаат во внатрешноста.

Една од тие анализи на сеизмичките бранови по земјотресите, кои се случиле со разлика од 20 години на слични локации, открива како се случуваат промените во внатрешниот состав на Земјата. Иако немаме многу информации за тоа што се случува на големи длабочини, научниците се обидуваат барем хипотетички да дадат некои од одговорите.

Познато е дека надворешното јадро – направено од течно железо и никел – директно влијае на магнетното поле на Земјата и не штити од опасното вселенско зрачење. Затоа е многу важно барем да се обидеме да ги разбереме процесите што се случуваат внатре во планетата, еволуцијата на нејзините внатрешни делови и начините на кои тие можат да влијаат на луѓето во иднина.

Каде го снема материјалот од пред 20 години?

Податоците снимени од сеизмолошките уреди при двата земјотреса го привлекоа вниманието на научниците и ги поттикнаа на размислување. Имено, брановите од подоцнежниот земјотрес патувале една секунда побрзо низ истата област на надворешното јадро. Зошто се случило тоа?

Веднаш беше јасно дека има промена што им овозможила на брановите да патуваат побрзо и дека материјалот што бил таму пред 20 години повеќе го нема. Исчезнал, а бил заменет со нов материјал, сè уште непознат за научниците.

Геологот Џинг Џоу од Универзитетот во Вирџинија решила подетално да го испита овој феномен. Таа и нејзиниот тим ги анализираа овие обични настани со испитување на SKS брановите кои минуваат низ површината како попречни бранови, влегуваат во надворешното јадро како надолжни бранови и потоа се враќаат назад на ист начин како што поминале низ површинските слоеви. Како што тврди Џоу, временскиот период во кој се случило сето горенаведено им открило многу.

И двата земјотреса се случија во близина на островите Кермадец, лоцирани во Тихиот Океан, првиот во 1997 година, а вториот во 2018 година. По детална анализа на овие земјотреси и SKS бранови, Џоу тврди дека почнувајќи од 1997 година, полесни елементи како водород, јаглерод и кислород биле ослободени во надворешното јадро. Ова го објаснува намалувањето на густината за околу 2 до 3 проценти и новата брзина на движење на сеизмички бранови.

Овие настани им дадоа корисни сознанија за промените во надворешното јадро, како и неговата конвекција и ефектите врз магнетното поле. Научниците додаваат дека забележаните промени не се големи, но колку повеќе знаеме за нив – толку подобро.

„Сега можеме да следиме што точно се случува, а во иднина би можеле да инсталираме повеќе сеизмички станици за подетално да го следиме тој проток“, рече Џоу.

Истражувањето е објавено во списанието Nature Communications Earth & Environment.

Поддржете ја нашата работа: