Сѐ уште е ѕвезда меѓу туристичките атракции! Но, зошто кулата во Пиза е крива?

Кривата кула, или камбанарија, е светски позната зграда во Пиза која привлекува илјадници посетители во тој италијански град секоја година. Нејзината маана – искривувањето – ѝ донесе слава уште поголема отколку што би ја имала само поради изгледот на фасадата и архитектонските елементи, но зошто таа е наведната на едната страна?

Изградбата на Кривата кула во Пиза започна во 1173 година. Градежниците веќе стигнале до третиот кат кога архитектите забележале дека белата мермерна камбанарија е малку наклонета на едната страна.

Проектот беше погрешен од самиот почеток. И покрај плановите да се направи кула висока 56 метри, темелите биле длабоки само три. За да бидат работите уште полоши, почвата беше нестабилна (името Пиза, сепак, доаѓа од грчкиот назив за „мочуришна земја“).

Пред да се направат сериозни обиди да се поправи темелот, избувнала војната помеѓу италијанските градови-држави. Изградбата траела повеќе од еден век. Таа пауза придонела темелите на кулата подобро да налегнат и да се збијат. Да не била таа долга пауза, кулата досега веројатно ќе се урнела.

Втората фаза на изградба започнала во 1272 година и главниот архитект Џовани ди Симон се обидел да ја поправи искривеноста со поместување на следниот кат малку на страната каде што аголот на наклон е тап. Но, тоа ја направило кулата уште потешка, што придонело таа да потоне уште повеќе. На крајот на 14 век, кулата конечно била завршена.

Во моментот кога градбата најмногу се навалила, наклонот бил 5,5 степени. Од 1990 до 2001 година, се презел голем проект за време на кој земјата била отстранета од едната страна, намалувајќи го наклонот на 3,97 степени. Се верува дека кулата сега треба да биде стабилна најмалку 200 години, пренесува „Национална географија“.

Поддржете ја нашата работа: