БИТКАТА ЗА ГРАДОТ ИПР на северозападот на Белгија траеше со денови и не се чинеше дека Германците или со нив конфронтираните Французи, за брзо време ќе ја завршат оваа борба во нивна корист и ќе влезат во градот. Кој знае колку долго ќе траеја битките ако на 22 април 1915 година Германците не се решеле да пробаат ново оружје – отровен гас. Кога во еден момент ветерот почнал да дува кон другата страна, кон рововите каде што биле француските војници, низ воздухот полетале шишиња со вкупно 180 тони хлор. Наскоро на спротивната страна се формира жолт облак. Тоа беше почеток на ужасот кој не го промени само текот на оваа битка.
Французите, црвени во лицето, почнаа да бегаат од рововите, гушејќи се од сопствениот здив, речиси целосно слепи, без никаква ориентација. Таа ноќ се задушиле околу 3.000 војници. 7.000 успеале да преживеат, но со повреди кои ги чувствувале до крајот на животот.
„Таа ноќ, науката ја изгуби својата невиност“, вели историчарот Ернст Петер Фишер. Дотогаш таа беше во служба на човекот, неговиот развој и подобрување на условите за живот. „Тогаш науката за прв пат дојде во служба на уништување човечки животи“, додава Фишер.
Добитник на Нобеловата награда за хемија
Оној кој за прв пат го стави хлорот во служба на воена стратегија беше германскиот хемичар – Фриц Хабер. Како научник, тој добро го знаел ефектот на хлорот, моќен отров кој го иритира и уништува респираторниот тракт, предизвикува гушење и кашлање и на крајот доведува до смрт. Дополнително, хлорот бил исклучително евтин, бидејќи како еден од нуспроизводите на хемиската индустрија се сметал за отпад што го има во големи количини.
Фриц Хабер влезе во историјата како првиот научник кој целосно го потчини своето знаење на армијата и нејзините потреби и цели. По „успехот“ што го доживеа неговото оружје во Ипар, Хабер беше унапреден во чин полковник. Неговиот слоган беше: „Во мир, во служба на човештвото, во војна – во служба на татковината!“, го цитира Фишер овој поранешен шеф на хемиското одделение во тогашното пруско воено Министерство.
„Тоа беше многу различно време. Сите се обидуваа да најдат некој отровен гас што може да го користат за воени цели. Но, само Германците успеаја. Тие едноставно беа подобри – иако во овој случај, да се биде подобар всушност значи да се биде полош“, објаснува Фишер.
Нападот кај Ипар веќе беше воено злосторство во 1915 година. Имено, Хашката конвенција од 1907 година уште тогаш забрануваше употреба и примена на „отров или хемиско оружје“. И покрај тоа, Фриц Хабер потоа стана пример не само за Германците. Веднаш по оваа битка започна избезумена борба за најдобрите научници кои требаше да развијат ново хемиско оружје.
„Секоја земја во тоа време сакаше да има паметен, храбар и амбициозен хемичар како Хабер во своите редови“, вели Фишер. А, за работите да бидат уште побизарни, по завршувањето на Првата светска војна во 1918 година, токму Фриц Хабер ја доби Нобеловата награда за хемија – иако не за откривање на употребата на отровен гас, туку за откритија во областа на синтеза на амонијак.
Германците не биле единствените кои користеле хемиски отрови за време на Првата светска војна. Тие беа применети на линијата на фронтот и од Французите и од Британците. Отровот како таков, сепак, немаше никакво влијание врз исходот на војната. Не можеше да се користи секој пат, туку само кога дозволуваа временските услови.
Тогаш на боиштата од хемиско оружје загинаа околу 90.000 војници. Еден милион беа дополнително повредени од труење со гас, од кои многумина починаа во годините по војната. Во 1925 година, Лигата на народите, на која ѝ припаѓаше Германија, го потпиша Женевскиот протокол за забрана на употреба на отровни гасови во војни.
И покрај потписите на владите, истражувањата во оваа област продолжија – главно под превезот на научна потрага по подобри пестициди. Самиот Zyklon B бил регистриран, но и користен како средство против разни штетници. Слично беше и со отровниот агенс „оранж“, кој Американците го користеа за време на војната во Виетнам – и овој отров всушност се развиваше како средство за контрола на штетници, па неговата употреба била бранета со изјавите дека намерата била да ги уништат зелените површини во Виетнам. Последиците од овие напади ги чувствуваат вегетацијата, животните, па дури и луѓето до ден-денес.
„Можете да правите што сакате со отровен гас. Можете да го користите за да погодите секого во целната област. Користењето хемиско оружје навистина ја преминува последната, црвена линија. Ова ја прави војната уште поужасна и понехумана отколку што е“, заклучува Фишер.