(ФОТО) Доктор сам си го оперирал слепото црево на Антарктикот!

Ако околностите биле поинакви, ова би можело да биде почеток на интересен виц: Си биле возач, метеоролог и лекар…

Во февруари 1961 година, Леонид Рогозов бил еден од дванаесетте луѓе кои кампувале во тогашната нова советска база на Антарктикот.

Тој бил и нивниот единствен лекар. Затоа, кога самиот си дијагностицирал воспаление на слепото црево, имал само едно нешто што можел да го стори – самиот да го отстрани. Среде пустиот Антарктик било невозможно да се лета поради зимата, а патувањето по море ќе траело повеќе од еден месец. Во својот дневник тој запишал:

„Се чини дека имам апендицитис. Молчам за тоа, дури и се смешкам. Зошто да ги плашам моите пријатели? Кој би можел да помогне? Единствената средба на истражувачите со медицината најверојатно била во стоматолошка столица“.

Следните денови состојбата му се влошувала. Во дневникот пишува:

„Синоќа воопшто не спиев. Боли како ѓаволот да е внатре! Снежно невреме ми ја камшикува душата, а ветрот завива како сто чакали. Сепак, нема очигледни симптоми дека би можело да пукне, но самата помисла ме надвладува … Ова е тоа … Морам да размислувам за единствениот можен излез: да се оперирам самиот себеси… Речиси е невозможно…, но не можам само да ги скрстам рацете и да се откажам“.

Рогозов немал избор. Ако слепото црево пукне, може да умре, па морал да се обиде да направи нешто што никој пред него не го направил.

Двајца мажи од експедицијата, возачот и метеорологот, станале негови асистенти и му ги додавале инструментите. Постапката на Рогоз започнала во полуседечка положба на креветот. Тој прво вбризгал анестетик прокаин во стомакот, а потоа направил засек од 12 сантиметри. Отпрвин, Рогозов користел огледало, но превртениот поглед само ги отежнал работите, поради тоа морало да работи на допир. Еве како Рогозов го опишал тоа со свои зборови:

“Крварењето беше обилно, но не брзав … Отворање на перитонеумот, го повредив слепото црево и морав да го сошијам. Станував се послаб и послаб, почна да ми се врти. Секои четири до пет минути, застанував да се одморам 20-25 секунди. Конечно – еве го проклетиот израсток! Забележав црна дамка на неговата основа. Ова значи дека само ден ден подоцна и ќе пукнело..! Рацете ми беа како гума, си помислив – и онака ќе заврши лошо, така што сѐ што треба да направам е да го отстранам“.

Ризикот на Рогозов се исплател и тој преживеал. По операцијата постепено закрепнувал. Температурата на телото се вратила во нормала по пет дена, а конците ги отстранил седмиот ден по операцијата. Тој ги продолжил вообичаените должности по само две недели.

Некој од членовите на екипажот направил и фотографии од целиот оперативен зафат.

„Самооперацијата“ влезе во фокусот на советската јавност во тоа време, така што истата година му беше доделен Орден за труд со Црвено знаме. Рогозов починал на 21 септември 2000 година во Санкт Петерсбург од рак на белите дробови на 66 годишна возраст.

Поддржете ја нашата работа: