Холокаустот, најстрашното злосторство против човештвото на модерното време, остави вечна лузна во историјата на еврејскиот народ. Жртвите на концентрационите логори кои ја преживеале Втората светска војна усно пренесувале сведоштва за трауми врежани длабоко во меморијата, но според новите научни истражувања – тие се врежани и во гените.
Рејчел Јехуда, една од водечките научници во областа на посттрауматскиот стрес, со нејзиниот тим од болницата Њу Саинаи во Њујорк, спровеле истражување на триесет и двајца Евреи кои доживеале различни трауми во концентрационите логори. Некои биле мачени, други биле сведоци на бруталните убиства или се криеле од нацистите за време на Втората светска војна.
Научниците ги анализирале нивните и гените на нивните деца, при што откриле дека постои зголемена можност за развој на стресни нарушувања. Тие ги споредиле овие генетски записи со еврејски семејства кои живееле надвор од Европа за време на војната – тие немале такви резултати.
Научниот тим особено се интересираше за генот кој е поврзан со регулацијата на хормоните на стресот, бидејќи на него најмногу влијаела траумата. Утврдено е дека промените во гените кај децата можат да бидат поврзани само со траумата што ја доживеале родителите во камповите.
Мислењата на научниците во врска со овие заклучоци се поделени, бидејќи научната конвенција вели дека гените содржани во ДНК се единствениот начин за пренос на биолошки информации меѓу генерациите. Сепак, нашите гени постојано се модифицираат од влијанието на средината во која живееме преку хемиски ознаки кои се врзуваат за нашата ДНК.
Студијата го објаснува преносот на траума пред зачнувањето – промени во епигенетските маркери на родителите, кои подоцна се пренесуваат на децата преку таканареченото епигенетско наследување. Хемиските промени во ДНК и хистоните (базните протеини) делуваат како прекинувачи кои ги вклучуваат и исклучуваат гените.
Епигенетиката е научна дисциплина која се обидува да докаже дека не сме целосно генетски предиспонирани, бидејќи она што го јадеме или начинот на кој живееме може да влијае на активноста на нашите гени, а со тоа и на здравјето, психата и способностите на нашите потомци.
Развојот на епигенетиката е тесно поврзан со теоријата на францускиот научник Жан-Батист Ламарк, кој уште во 1809 година тврдел дека особините стекнати во текот на животот може да се пренесат на следната генерација.
Д-р Јехуда објасни дека ако модифицираниот ген се пренесе за време на оплодувањето, без разлика дали е активиран или не, може да има значително влијание врз количината на хормоните на стресот, што подоцна влијае на начинот на кој децата се справуваат со стресот.
Сепак, научниците сè уште не откриле како овие епигенетски маркери се пренесуваат на следната генерација. Генетските информации во сперматозоидите и јајце клетките не треба да се менуваат под влијание на надворешната средина – секој епигенетски маркер на ДНК треба да се избрише веднаш по зачнувањето.
Сепак, истражувачки тим од Универзитетот во Кембриџ откри дека одредени епигенетски маркери го избегнуваат процесот на прочистување за време на оплодувањето.
Откритието направено од студијата на Јехуда можеби е почеток на значителен напредок во оваа област – фактот што гените се формираат врз основа на средината во која живееме, а не само врз основа на биолошкото наследство, го промени верувањето на научниците дека стекнатите особини не се наследни.
Студијата на тимот на Јехуда исто така покажа дека надворешните влијанија како што се пушењето, исхраната и стресот може да влијаат на здравјето на следните две генерации потомци.