Цртаниот филм „Frozen“ нова можност за расветлување на мистериозната смрт кај преминот „Дјатлов“?

На многу родители им преседна цртаниот филм на Дизни, „Фроузен“, откако беа принудени поради интересот на нивните деца, секојдневно, со месеци, да ја слушаат песничката „Let It Go“, главната музичка нумера во филмот. Но, за еден швајцарски научник, сцената со лавината, прикажана во цртаниот филм од 2013 година, фрла нов зрак светлина во еден мистериозен трагичен инцидент од пред повеќе од 60 години.

Фаталната експедиција на Дјатловиот премин

Во 1950-тите, група руски студенти, сите искусни планинари и скијачи, заминале на патување преку планината Урал. Нивни водач бил Игор Дјатлов, 23-годишен студент по радиоинженерство на техничкиот институт во Урал.

Откако рутата им била одобрена, групата од 10 студенти се состанале на 25 јануари 1959 година и по два дена тргнале на пат.

Набрзо еден од нив, Јуриј Јудин, бил принуден да се врати назад поради болка во коленото. Деветмината преостанати планинари продолжиле без него. Она што се случило потоа, може да се теоретизира само од дневниците и фотоапаратите пронајдени на теренот.

Групата на 31 јануари собрала храна и опрема, осигурувајќи да има доволно  резерви до враќањето. Следниот ден, започнале да се искачуваат кон сртот, што подоцна ќе стане познат како Дјатлов премин, со намера до вечерта да стигнат до другата страна. Сепак, поради силна снежна бура групата го згрешила правецот и се упатила на запад, кон месноста Холат Сиахи. Кога ја сфатиле грешката, одлучиле да постават камп и да прекоќат, наместо да се обидат да поминат скоро една милја назад по планината, до погостопримливиот зелен шумски појас.

Ова е сè што може да се каже со сигурност. Од тука сѐ е шпекулација и претпоставка.

Започнува потрагата

Планот бил групата да испрати телеграма до спортскиот клуб кога ќе стигне до местото Визхај, на 12 февруари. Но, кога пораката не била примена до 20 февруари, армиски и полициски сили, придружувани од волонтерски групи,  тргнале во спасувачка мисија.

Шаторот на планинарите е пронајден на 26 февруари. Бил полу-урнат, покриен со снег и исечен од внатре. Во него немало луѓе, но таму биле нивните обувки и облеката. Следејќи ги трагите во снегот, трагачите дошле до блиската шума каде пронашле траги од оган и првото од мртвите тела. Георгиј (Јуриј) Кривонишенко и Јури Дорошенко, носеле само долна облека и биле боси. Помеѓу 300 и 600 метри од нив биле пронајдени остатоците од Дјатлов, Зинада Колмогорова и Рустем Слободин. Изгледало како да се обидувале да се вратат во шаторот.

Остатоците од Николај Тибо-Брињол, Семјон Золотарјов, Александар Колевотов и Људмила Дубинина биле пронајдени два месеца подоцна, затрупани под четири метри снег во близината.

Она што сѐ уште е збунувачко за овие нови тела се повредите што ги имаат здобиено, вклучувајќи фрактури на ребра и черепите, како и извадените очи и јазик.

Истрагата

Првично, истрагата открила дека петмината кои биле први пронајдени, претрпеле неколку повреди, од кои ниту една не била смртоносна. Најверојатно овие студенти подлегнале на хипотермија. Сепак, повредите на четирите тела, пронајдени подоцна ги комплицираа работите. Експертите сметаат дека силата неопходна за да се предизвика таква повреда би била еднаква на сообраќајна несреќа, а сепак немало надворешни повреди што би укажале на фрактури на коските.

Оваа мистерија се продлабочи кога биле земени предвид и други фактори. Недостасувале делови од меките ткива (од месото), сите тела имале чудна жолта боја, а дел од облеката покажувала радиоактивност! Бидејќи телата лежеле во околината неколку месеци, се претпоставува дека предаторите ги јаделе нивните меки ткива, но, причината за другите повреди не е јасна.

Без очигледен виновник, било констатирано дека смртта е предизвикана од голема природна сила. Случајот е затворен во мај 1959 година, а  документите архивирани.

Последици

Како и многу инциденти во Советска Русија и овој беше обележан како таен и не беше широко пријавуван. Но, случајот повторно го привлече вниманието на јавноста во 1997 година кога Лев Иванов, главниот истражител, се пензионираше и изјави за еден весник дека смета оти за случајот се одговорни вонземски посетители (НЛО).

Верзијата беше надополнета од фантазијата на јавноста, но и неколку логични прашања. Зошто искусните планинари и скијачи би го напуштиле  својот шатор среде снежна бура, без облека и обувки?

Забележани се изјави од некои сведоци кои тврделе дека виделе портокалови сфери на небото таа ноќ, што сугерирало активност на НЛО или експеримент со тајно оружје. Другите теории, во кои се споменувале снежниот човек Јети, како и можноста за напади од домородци, романтични сплетки што довеле до брутална пресметка или тест за нуклеарно оружје, биле отфрлени.

Некои тврделе дека жолтата боја на телата ѝ даваат тежина на теоријата за нуклеарно тестирање (надополнето со радиоактивната облека во шаторот), но други сугерираат дека боењето се должи на природната мумификација во студени услови.

Мистеријата е повторно отворена

Во 2019 година, руските власти повторно го отворија случајот во обид да ги згаснат шпекулациите. Истрагата разгледуваше три можни теории: лавина, лавина од заледени снежни плочи и ураган. Лани беше изнесено најверојатното објаснување, дека се случила лавина од снежни плочи. Тоа се случува кога горниот слој на снег ќе се ослободи од слоевите под него. Брзо движечките парчиња што се спуштаат по наклонот може да предизвикаат повреди како забележаните кај планинарите.

Сепак, останаа контрадикторни елементи. Во областа немало карактеристичен снежен нанос или остатоци што би укажувале на лавина, а лицата настрадани од лавина обично подлегнуваат од задушување, а не од  хипотермија и фрактури.

Се чинеше дека ниту една теорија не може да го објасни секој аспект.

Како еден цртан филм помогна да се објасни сето тоа?

Јохан Гауме, швајцарски научник, го гледал „Frozen“ кога сфатил дека можеби има начин да се докаже што навистина се случило на преминот Дјатлов. Како што објави National Geographic, тој го побарал од Дизни кодот што го користеле аниматорите на снежните ефекти за да ја создадат сцената кога главните ликови бегаат од лавина.

Заедно со Александар Пузрин, двајцата научници го користеле кодот за да го пресоздадат инцидентот на Дјатловиот премин. Нивните резултати покажале  дека снежни блокови може да паднат врз луѓето во шаторот, предизвикувајќи им повреди. Научниците сметаат дека силниот ветер веројатно придонел за лавината, како и фактот дека снегот таа ноќ имал структура на крупни кристали.

Написот е објавен во Nature и е достапен за секој што сака да го прочита.

Пред само неколку дена беше објавено дека режисерот Лиам Ле Гвилу го продал својот документарец за мистеријата на Дјатловскиот премин, насловен како „Непозната привлечна сила“. Се очекува да биде објавен на  15 јуни 2021 година.

Сепак, јасно е дека мистеријата на Дјатловиот премин ќе ја скокотка фантазијата на јавноста, бидејќи, како што наведуваат некои истражувачи, штом науката докаже еден дел од мистеријата, се отвораат неколку логични прашања кои сѐ уште не може да бидат одговорени.

Поддржете ја нашата работа: