Кои се неискористените потенцијали и природни ресурси на Авганистан?

Откако Талибанците по 20 години отсуство од политичката сцена повторно ја зграбија власта во земјата, ја вратија и контролата врз природните ресурси, за кои поранешниот министер за рудници на земјата изјави дека може да вредат до 3 трилиони долари.

Таа проценка беше направена на последната експертска сондажа во 2010 година, a може да вреди уште повеќе сега, откако глобалното економско закрепнување од коронавирусниот шок предизвика неверојатен скок на цените на металите, од бакар до литиум, што посебно се зголемија оваа година.

Авганистан е богат со ресурси како бакар, злато, нафта, природен гас, ураниум, боксит, јаглен, железна руда, ретки метали, литиум, хром, олово, цинк, скапоцени камења, талк, сулфур, травертин, гипс и мермер.

Следува преглед на некои од клучните ресурси на Авганистан, според проценките на министерството за рударство на таа земја и на американската влада, како и нивната потенцијална монетарна вредност за авганистанската економија зафатена од војната.

БАКАР

Авганистанското Министерство за рудници и нафта во 2019 година ги процени капацитетите на регистрираните лежишта на бакар во земјата на речиси 30 милиони тони.

Рударскиот сектор дополнително го информираше министерството дека има уште 28,5 милиони тони бакар во неоткриени наоѓалишта. Тоа ќе донесе вкупно близу 60 милиони тони, во вредност од стотици милијарди долари по тековни цени, имајќи го предвид порастот на побарувачката за тој метал.

Конзорциумот на Металуршкиот корпус на Кина и „Џиангѕи Копер“ уште во 2008-та зедоа 30-годишен закуп за најголемиот проект за бакар во земјата, Мес Ајнак. Според проценките, вредноста на суровините, според актуелните цени, може да достигнат до 100 милијарди долари.

ДРУГИ МЕТАЛИ

Во извештајот за 2019 година, исто така, се наведува дека Авганистан има повеќе од 2,2 милијарди тони железна руда за преработка во челик во вредност од над 350 милијарди американски долари по сегашните пазарни цени.

Ресурсите за злато се мошне поскромни – околу 2.700 килограми, во вредност од речиси 170 милиони долари.

ЛИТИУМ И РЕТКИ МЕТАЛИ

Внатрешниот меморандум на Одделот за одбрана на САД во 2010 година, наводно, го опишал Авганистан како „Саудиска Арабија со литиум“, што би можело да биде исто толку клучно за глобалното снабдување со батерии како што е блискоисточната земја за сурова нафта.

Споредбата е направена во време кога литиумот веќе беше широко користен во батериите за електронски уреди, но пред да стане очигледно колку литиум ќе биде потребен за батерии за електрични возила.

Во извештајот 2017/18 од Геолошкиот институт на САД се забележува дека Авганистан има депозити на сподумен, минерал што содржи литиум, но не дава проценки на тонажата, додека авганистанскиот извештај за 2019 година воопшто не го споменува литиумот.

Меѓутоа, извештајот на Министерството за рудници за 2019 година, сепак, вели дека Авганистан има 1,4 милиони тони ретки минерали, група од 17 елементи коишто имаат потенцијал за примена во електронската индустрија за широка потрошувачка, но и воена опрема.

Авганистан има околу 1,6 милијарди барели сурова нафта, 16 трилиони кубни метри природен гас и уште 500 милиони барели течности за производство на природен гас.

Тоа според авганистанскиот извештај за 2019 година, кој се повикува на заедничка проценка на САД и Авганистан подразбира вредност од 107 милијарди долари само за суровата нафта по тековни пазарни цени.

„Поголемиот дел од неоткриената сурова нафта се наоѓа во авганистанско-таџикистанскиот басен и најголем дел од неоткриениот природен гас е во басенот Аму Дарја“, се вели во извештајот.

СКАПОЦЕНИ КАМЕЊА

Авганистан е историски главен извор на лапис лазули, полускапоцен камен со длабоко сина боја, кој илјадници години се ископува во северната провинција Бадакшан, како и други скапоцени камења како што се рубини и смарагди.

Најдобрите вариетети на лапис лазули можат да достигнат цена до 150 американски долари за карат, според авганистанскиот извештај од 2019 година, во кој се забележува дека, сепак, мнозинството скапоцени камења ископани во земјата илегално ја напуштаат земјата, претежно кон Пешавар во Пакистан, со што се ускратуваат витални приходи за Авганистан.

Извор: Reuters

Поддржете ја нашата работа: